Како Епл го крие данокот

Паралелно додека годинава ја освојуваше листата на најбогати компании во светот, Епл успеа да најде начин како да го плати најмалиот можен данок во историјата - само 1,9%. Регуларно, данокот за корпорации во САД изнесува - 35%.

На вкупно 36,8 милијарди долари заработени на странските пазари, Епл платил данок од само 713 милиони долари. Во истото време лани даночната стапка на Епл била 2,5 односно 920 милиони долари.

Ништо од ова не се должи на даночни олеснувања, туку на комплексна мрежа на оф-шор сметки, ќерки компании и снаодливи сметководители. За да ја намали даночната стапка Епл основа ќерки фирми, кои добиваат свои ќерки фирми во земји со ниски даноци за корпорации. Потоа парите ги префрла од една на друга компанија, со цел да ја намали својата даночната основица.

Слично на Гугл, и Епл има две свои ќерки компании во Ирска (Apple Operations International и Apple Sales International), каде што даноците за корпорациите се 12,5% споредено со 35% во САД. Дел од парите од овие две компании се префрлаат во Холандија, од каде продолжуваат кон ќерките компании на Карибите.

"Епл користи сосема легални методи за прикривање на значителен дел од својот профит подалеку од даночните пријави. Секој пат кога најпрофитабилните компании плаќаат помалку, јавноста ќе треба да плати повеќе," објаснува за Њујорк тајмс еден поранешен економист на американското Министерство за финансии.

5 ноември 2012 - 15:49