Историјата на скандали на Банката на Ватикан

Основана е во 1942-ра, официјалното име и е Институт за работи од религијата (IOR), и не издава чекови, не дава кредити или заеми, и се единствени што имаат банкомати на латински јазик. Сегментот во кој најмногу потсетува на банка се измамите и проневерите што ги има направено.

Зградата на Банката на Ватикан

Магазинот Форин Полиси објаснува дека IOR многу повеќе функционира како офшор институција за чување фондови отколку типична банка (во 2012-та, тие сосема го бришат треминот "банка" од називот). Il Sole 24 Ore, италијански весник за финансии, објаснува дека банката најголемиот дел од капиталот од 8 милијарди евра го вложува на пазарите со валути и обврзници, и многу, многу злато.

Во 1982-ра IOR е поврзан со падот Банка Амброзијано, која со поддршка на Ватикан даде позајмици во износ од 1,2 милијарди долари, за на крај нејзиниот претседател да го најдат обесен од мост во Лондон. Ватикан никогаш не призна дека направиле грешка, ама две години подоцна им исплати 240 милиони долари на доверителите.

Историјата на тајновитост и непочитување на основните стандарди против перење пари, банката ја прекинува дури кон крајот на 2010-та кога треба да добие сертификат од Financial Action Task Force, глобално тело за борба против перењето пари, и да се усогласи со правилата на ЕУ против перењето пари.

Пред да го направи ова, во септември 2010-та, италијанската влада и замрзнува имот од 23 милиони долари, како дел од една истрага за перење пари.

Во 2012-та Стејт Департманот на САД го именува Ватикан како една од државите во кои се перат пари. Банката исто така одбива да им објасни на ЈПМорган Чејс, како во тек на 18 месеци, 1,8 милијарди евра влегуваат и излегуваат од една сметка. Во јули 2012-та ревизијата покажа дека банката не почитува 7 од 16-те препораки против перење пари.

По објавувањето на скандалите во 2010-та, тогашниот Папа ја воведува ФИА (Financial Information Authority) чија цел е да се надгледува спроведувањето и следењето на стандардите против перење пари. Кога Франциско беше избран за нов папа, една од првите работи што ја направи е да побара оставка од сите членови на ФИА, чиј мандат за надгледување на финансиските работи на Ватикан требаше да трае до 2016-та.

Моментално на чело на ФИА е Хуан Зарате, кој е најдобро познат по затворањето на тајните сметки на северно-корејската влада и соработката со британските власти во воведување на нови начини за санкционирање на режими и терористички групи.

11 јули 2014 - 12:10