Германците чуваат милијарди во дојч-марки

Блумберг неодамна пресметал дека во земјите на еврозоната има над 15 милијарди евра во стари валути, кои се уште не се заменети за новите пари. Нешто помалку од пола од овие се во Германија.

Германците уште држат по дома околу 6,5 милијарди евра во марки, а на второ и трето место се Французите и Шпанците со по 1,5 милијарди евра во франкови и пезети.

По влегувањето во монетарната унија најголемиот дел од националните банки дадоа рок до кога може националната валута да се смени за еврото (пример во Грција ова заврши во 2004, а во Португалија во 2002). Дел од нив, како Германија, Ирска, Австрија, решија тоа да биде неограничено.

Приврзаноста на Германците со марката се должи и на тоа што нејзината нова верзија во Западна Германија беше воведена во 1948, пред Германците да имаат ново знаме, химна и Устав. Освен тоа, германските марки на пазарот почнуваат да имаат и поголема вредност отколку официјалната стапка за нивна размена (1,95 марки = 1 евро).

Заради паниката и немањето верба во еврото во 2011 околу половина од испитаните Германци изјавиле дека сакаат да ја вратат германската марка како официјална валута. Враќањето на старите пари е дел и од реториката на десничарската Алтернатива за Германија.

7 април 2017 - 15:53