Будистичкиот свештеник кој стана милијардер

Ако е точно она што го тврди овој 83 годишен милијардер, тогаш некои клучни лекции кои стадардно се предаваат по бизнис школите ширум светот се погрешни.

Компаниите мора да бидат свртени кон своите акционери бидејќи само на тој начин се максимизираат ефектите на една економија. Вака гласи една темелна поставка на модерната економска пракса со која се согласува и јапонскиот премиер Шинзо Абе кој спроведува мерки за поголема одговорност на компаниите кон своите инвеститори.

Баталете го тоа, порачува Казуо Инамори, претприемач, гуру за менаџмент и будистички свештеник. Потрошете го времето правејќи ги своите вработени среќни, советува човекот кој пред 5 децении го создаде електронскиот гигант Kyocera Corp, подоцна отвори мобилен оператор вреден 64 милијарди долари а пред 5 години ја спаси националната гордост Japan Airlines Co. од банкрот.

"Ако сакате јајца, мора да се грижите за кокошката", гласи неговиот клучен совет.

Двете негови компании денес вредат 82 милијарди долари а кога во 2010-та беше назначен за ЦЕО на главниот јапонски авиопревозник, имаше 77 години и никакво искуство во таа индустрија. За само една година, компанијата која беше пред банкрот го забележи својот прв профит а уште една година подоцна, веќе беше вратена на јапонската берза. 

Инамори тврди дека тајната била во менувањето на менталитетот на вработените. Откако се зафатил со извршната функција,тој за секој вработен отпечатил мало книжуле со негови филозофии и погледи на животот и работата. Алудирал на општественото значење на нивниот труд и ги потенцирал будистичките принципи дека луѓето треба да бидат понизни (не значи понизени) и да ги прават вистинските работи. Ова ги натерало луѓето повторно да бидат горди што работат за превозникот и да го дадат максимумот од себе.

Да се прават вработените среќни не значи да им се даде простор да дигнат нозе на маса или да чмаат на Фејсбук. Се работи за будистичкиот принцип на шоџин, кога духот оди на повисоко ниво заради посветеноста на работата.

Додуша, не сите мерки на Инамори се од спиритуална природа. Тој е познат по неговиот систем за "амеба менаџмент", кога вработените се поделуваат во помали групи кои самостојно си даваат задачи но потоа ефектите од работата се мерат на секој час.

За жал, не сите кокошки имаат среќа да даваат јајца. Под раководството на Инамори, чие лично богатство се проценува на 1,1 милијарда долари, од Japan Airlines беа отпуштени 16.000 вработени.

7 ноември 2015 - 13:29