Битката за твојот патент

На прв поглед производството на патенти изгледа како небитна индустрија, ама на глобална завршна сметка излегува дека е пазар од 10 милијарди долари годишно. А кај има пари, таму има и Кинез што се обидува да ги собере.

Супертешкашот во индустријата на производство патенти е јапонската компанија ЈКК (во оригинал YKK - Yoshida Kogyo Kabushikikaisa), формирана во 1934, а во 2016 има обрт од 6,5 милијарди долари. ЈКК произведува 7 милијарди патенти годишно, или околу половина од глобалното производство.

Сето она што ЈКК не го покрива, е поделено меѓу повеќе кинески производители. Главна во тоа друштво е СБС, кинеската компанија основана во 1984, кои и покрај амбицијата да го надминат јапонскиот конкурент, свесни дека меѓу нив има "разлика од половина век". Инаку освен што произведува патенти, ЈКК продава и машини за нивно производство.

На СБС до сега му успева да ги порази Јапонците на кинескиот пазар, и да стигне до вкупна продажба од 872 милиони евра, а глобално потпишува партнерства и со брендови како Х&М, Декатлон, Адидас или Таргет. Вон Кина проблемот на СБС е перцепцијата за квалитетот кога некој треба да избира меѓу јапонски и кинески производ, заради што Европа во продажбата на СБС учествува со само 13%.

Додека битката со СБС околу поскапите брендови ја добива по инерција на навиките на купувачите, ЈКК не е ни приближно вешт во справување со конкуренција од типот на италијанскиот производител Рири. Компанијата е основана во 1936, и речиси целиот годишен приход од 85 милиони долари, го прави од соработката со Гучи, Прада, Ерме, Монклер и слично баснословно луксузни брендови, до кои ЈКК не може да пристапи.

Иако од далеку изгледа како прилично неинтересна работа, станува збор за компетитивна индустрија. На пример Рири освен што нуди патенти кои не пропуштаат вода и копчиња отпорни на триење, тие неодамна презентираа патент отпорен на атмосферски агенти, кој беше изработен од швајцарскиот универзитет за Применети науки и уметности. Во исто време ЈКК годишно троши 180 милиони долари на развој на нови модели.

20 февруари 2017 - 11:35