Амазон, две децении и милијарди долари подоцна

По 20 години на берза, математиката на Амазон е следна: ако во 1997 на излегување на Амазон на берзата си купил нивни акции за 1.000 долари, денес истите ќе ти вредат 638.000 долари.

Компанијата на Џеф Безос која на берза излегува на 15 мај 1997 денес вреди баснословни 460 милијарди долари, што е два пати повеќе од Волмарт, "кралот" на физичките продавници (иако Волмарт има 3 пати поголеми приходи).

Само 3 компании на светот моментално имаат поголема пазарна вредност од Амазон, и тоа Епл, Алфабет и Микрософт. За годинава се очекува Амазон дека ќе генерира вкупни приходи од 160 милијарди долари. Сумата е 40 милијарди долари поголема од годишниот приход на Таргет, Бест бај, Мејсис и Барнс енд Нобл, заедно.

Откако деценија и кусур растураше во продажба, Амазон полека почна со нудење на "клауд" услуги, па кога веќе ги има серверите влезе и во "Нетфликс бизнисот" со нудење видео содржини.

За сега барем чисто за свои потреби, Амазон инвестираше и во товарни авиони со цел да има повеќе контрола врз процесот на испорака, а работи и на тестирање на  испорака со дронови.

Според бројките од 2017, Амазон има 341.000 вработени.

16 мај 2017 - 16:39