Акциите на Нинтендо издишаа откако сите сфатија дека Покемон и Нинтендо не се исто

Од појавата на Покемон Го акциите на Нинтендо стрмоглаво пораснаа, а вредноста на компанијата се зголеми за два пати и изнесуваше фантастични 42,5 милијарди долари. Бајката почна да се распаѓа во петокот кога Нинтендо и официјално објави (и повтори) дека поседува само 32% од Покемон Го.

Играта во која инаку разумни луѓе прифаќаат да пешачат наоколу (и полошо, да возат точак, кола) со смартфонот во рака, комплетно игнорирајќи ја околината, е соработка меѓу Покемон компани и Ниантик Лабс. Ова откритие, надополнето со соопштението од Нинтендо, во понеделникот предизвика пад на акциите на Нинтендо од 17% или 6,4 милијарди долари од вредноста на компанијата. Како што појаснува Блумберг, работите ќе беа и полоши за Нинтендо, меѓутоа берзата во Токио не дозволува придвижување на акциите за повеќе од 18% во еден ден.

"Изгледа дека огромниот скок на акциите на Нинтендо, со кој компанијата изби пред Сони, беше стимулиран од неточното верување на инвеститорите дека Покемон е комплетна креација на Нинтендо и дека компанијата ќе профитира соодветно на тоа," пишува Сем Бајфорд за Верџ,

Бајфорд дополнително објаснува дека во петочното соопштение Нинтендо повтори дека нивното лого го нема никаде на играта и дека сопственоста на играта е јасна уште од нејзината најава пред една година.

26 јули 2016 - 09:46