Варуфакис, бунтовник без причина

Откако цела седмица тераше лута непоколеблива кампања за гласање "НЕ" на грчкиот референдум, Варуфакис вечерта на 5-ти јули ја дочека победоносно. Следното утро сред победничка атмосфера и со обновена доверба од граѓаните, Варуфакис поднесe оставка на министерската позиција, ама остана парламентарец.

На 10-ти јули, кога грчкиот парламент гласаше дали да му даде поддршка на Ципрас за да оди и да преговара со ЕУ партнерите, Варуфакис не се појавил на гласањето, бидејќи бил во својата викендица на островот Егина, на одмор со 11-годишната ќерка.

Фотографиите од неговиот одмор инстантно завршуваат на сите насловни на весниците низ Грција и на телевизиските вести. Добар дел од неговите поранешни соборци од Сириза се гневни заради ваквото исчезнување на Варуфакис, расположение кое го споделуваат и гласачите.

И покрај тајм-аутот што го зема, Варуфакис речиси задолжително беше споменуван во секоја од дебатите кои се вртеа на грчките телевизии во периодот до неделниот договор. За време на 70-минутното интервју од 14-ти јули, Ципрас постојано го бранеше поранешниот колега, меѓутоа во исто време успеа и да го осуди, објаснувајќи дека тоа што тој е академски човек не значи дека има добри прагматични политички вештини.

Во меѓувреме Варуфакис не престанува со твитање, и секојдневно го апдејтува својот блог, а објави и колумна во Гардијан. На својот блог тој ја коментираше и изјавата која произлезе од Евро Самитот од 12-ти јули, нарекувајќи ја "документ кој на хартија ги запишува условите за предавање на Грција. Тој е замислен како изјава за потврдување на грчкото помирување со станувањето вазал на Еврогрупата."

Тој имаше и неколку телевизиски интервјуа, во кои беше запрашан за отсуството од парламентот. Одговорот му беше "имав обврска кон 11-годишно девојче, кое живее во Австралија и која ја гледам само еднаш годишно. Апсолутно не сум направил никаква грешка."

Варуфакис се појави и на гласање во грчкиот парламент околу прифаќање на понудата од Еврогрупата.

"Како што гласањето привршуваше, го прозваа неговото име. Тој паузираше. Направи подолга пауза. Забележлива. И потоа гласаше против мерката," пишува Доди Цинтар за Кварц.

16 јули 2015 - 19:58