Скоро па задолжителна казна за корупција?

Романија, регионалниот златен стандард за прогон на поранешни функционери и премиери за корупција, од пред речиси 20 дена има нова влада, предводена од истата партија како и премиерот што пред некоја година кој стана пример за тоа дека и претседателите на Влада можат да одговараат пред суд.

Една од првите одлуки на новата влада на Сорин Гриндеану е нацртот за закон кој едногласно беше критикуван од претседателот на Романија, главниот обвинител, врховниот суд, антикорупцискиот обвинител и првиот човек на управата за борба против организираниот криминал (плус стандардно сеприсутните - активисти и дипломати).

Нацртот предвидува неколку мерки кои ја наежија гореспоменатата коалиција, меѓу кои главна е намерата да ги помилуваат затворениците со казни помали од 5 години (за одредени случаи), и да ги преполоват казните на затворениците постари од 60 години, на оние кои имаат терминални болести или деца за кои треба да се грижат, без разлика на делото.

Тука потпаѓа и планот на владата на себе да го преземе правото на носење укази за помилување, што според противниците може да се искористи за укинување на казните на романските функционери кои се на судење за мито и корупција.

На второ е тоа што Владата планира да ја декриминализира злоупотребата на функцијата за дела од кои е направена штета помала од 47,5 илјади долари.

Реакцијата на ова се над 15.000 луѓе на улиците на Букурешт во неделата (на околу минус 8 степени), и барање од романскиот претседател владата да се откаже од указите "кои се сметаат за поткопување на владеењето на правото и борба против корупцијата". Претседателот на ова не доби одговор од владата.

23 јануари 2017 - 13:44