Грчките нео-нацисти се бетер од што ги мислите

Колеле овци за да се навежбаат со нож, учеле како се погодува вратна жила на противникот. Па тренирале како со тенкови се освојува Парламентот, за оттаму да ја оправаат државата. СС униформи, перење пари, силување, убиство....

Извештајот на обвинителите во судењата на грчките неонацисти откриваат многу пострашна слика за Златна зора од досегашната. Обуки за користење ножеви со организирано колење овци, план за напад на Парламентот со тенкови и подлабоки врски со сегашната власт се само некои од деталите до кои дошле од списанието Foreign Policy.

Досието на обвинителството против Златна зора до сега има 697 страници, и меѓу другото содржи сведоштво на човек под псевдоним „Е", поранешен член на групата. Она што тој има да го каже во врска со идеологијата, методите на обука и идните планови на неговите некогашни сопартијци е, во најмала рака, вознемирувачко.

На пример: Златна зора најмила месар за да ги обучи своите членови ефикасно да користат нож, за „неутрализирање на опонентите". На нешто што веројатно се смета за „тим билдинг", тие учествувале во масовен колеж на овци на различни фарми во регионот на Атика (Атина и предградијата), за да научат како најдобро се мава директно во вратна вена. Истиот тој месар, според сведокот Е, им обезбедувал и оружје, а како што покажуваат фотографиите во досието тоа се ножеви, мечови, пиштоли, па и базука. Целта на овие подготовки - најпрвин да се нападне грчкиот Парламент со тенкови, а потоа од таму да се "оправа" целата држава.

Овој извештај е подготвен за да послужи во судењето на десетина членови на Златна зора, кои се обвинети за голем број дела, од напади, преку трговија со луѓе до убиство. Но според извештајов тоа е само врвот на ледениот брег кога е во прашање пошироката приказна, која покажува не само позастрашувачки амбиции на Златна зора, туку и нејзини многу поблиски врски со владеачката коалиција отколку што се претпоставува.

Основана во средината на 1980-тите Златна зора почнала како мала група за дискусии, која подоцна развила политички амбиции. Иако долго време не добиваше повеќе од 1% од гласовите, во 2010 се случи пресврт кој се должи и на финансиската криза. Со оглед на невработеноста од 28% од ноември 2013, групата започна бран на гнев насочен на властите, што се покажа како одлична тактика - истата година еден од кандидатите доби место во градскиот совет на Атина. Почнаа и поотворени напади на имигранти и левичари, агресивна национална реторика, и на крај изборен успех: во 2012 Златна Зора предизвика шок во Европа кога доби 18 места во парламентот, со скоро 7% од гласовите.

Сепак, според обвинителството, тоа не е (само) политичка партија, туку криминална организација, со сите нишани. Нејзината поддршка во последно време е падната, главно заради убиството на грчкиот антифашистички музичар Павлос Фисас од странa на извесен Ѓоргос Рупакиас, кој најпрвин негираше дека е член на Златна Зора, но потоа е виден на фотографии и видеа на партиски настани. Сепак, она што следеше по неговото обвинување беше без преседан: сите членови на парламентот и повеќе од 60 членови на партијата сега се соочуваат со кривични тужби, а повеќе од 30 членови на партиското раководство во моментов се затворени, вклучително и основачот и историскиот водач, Николаос Михалолијакос.

Причини за апсењата има куп: од перење пари до вооружени напади. Едно обвинување дури е и за силување во канцелариите на Златна зора во Спарта, што долго време бил прикривано од локалните функционери. Водачите на партијата постојано негираа каква и да е поврзаност со нацизмот, и покрај асоцијациите кон него во нивните песни, визуелна презентација и реторика. Но на пронајдените фотографии и видеа работата е повеќе од очигледна - партиски водачи облечени во СС униформи, како салутираат со познатиот нацистички поздрав, паравоени групи во униформи како маршираат со лицата покриени со моторџиски кациги, луѓе кои вежбаат пукање со ленти со свастика околу рацете итн. Пронајдени се и поконкретни докази за вмешаноста во настани кои доведоа до убиството на музичарот. Така, еден СМС од 13 септември (неколку дена пред настанот) помеѓу Лагос, член на Парламентот од ЗЗ и водачот на локалната канцеларија на ЗЗ во предградие на Атина, се однесува на напад на левичари-синдикалци од Перама, пристаниште западно од Атина. „Комуњарите си го бараат во Перама. Земи 30 души и влези им", гласи СМС-от. Таа вечер околу 50 членови на партијата го извршиле нападот, по кој 9 души завршиле во болница. Никој не бил уапсен, но партијата сепак не била задоволна од постигнатото, и сакала да си ја зацврсти доминацијата во пристанишните места околу Атина. Токму ова довело до нападот на Фисас, кој требало да ја пренесе пораката дека со ЗЗ нема лабаво.

Сегашната влада, водена од премиерот Антонис Самарас, веднаш по доаѓањето на власт изјави дека нејзината улога, меѓу другото, е да ја спаси Грција од нео-нацистичката закана. Но дури и да има таква намера, таа е далеку од успешна во нејзиното спроведување. Постојат аудио и видео снимки на разговори помеѓу високи функционери на ЗЗ и членови на Нова демократија (една од членките на коалициската влада), меѓу кои и Такис Балтакос, генералниот секретар на оваа партија, во која тие прават муабет како сојузници, е на како претставници на две радикално спротивставени опции. Балтакос дури им давал насоки на членовите на парламентот од ЗЗ како да гласаат за суштински прашања, од закони поврзани со лекарства и наркотици до воени училишта. Тој дури испратил и СМС во кој му честита на некој претставник на ЗЗ, кој во расправа со опозиционерите од Сириза ги нарекол „волови" и „валкани" пред да биде симнат од говорницата. Од ЗЗ во пораките кон Балтакос му се обраќаат со интимното „Такис", како први другари.

По откривањето на овие материјали Балтакос мораше да даде оставка, но тој сè уште е во политичкиот живот, и според многумина се обидува да воспостави некоја нова, „сериозна" Златна Зора, ослободена од лошата репутација, но со слични десничарски ставови.

Сегашните судења на членовите на ЗЗ е од огромно значење за Нова Демократија, на која заради сосема малите економски подобрувања на ситуацијата во земјата ова ѝ еден од ретките џокери во пресрет на  вонредните избори следната година на кои повикува опозицијата. Но истите тие судења можеби ќе откријат и подлабоки врски помеѓу НД и радикалната десница. Ако судењата не бидат водени како што треба, без ниту една дупка во доказите, тогаш целата работа може и да има спротивен ефект, и да предизвика симпатии за партијата.

Како и да е, следните неколку месеци се клучни за грчката политика и распоредот на моќта. Во моментов членовите на ЗЗ вршат само помали напади на ЛГБТ активисти низ Атина, колку да потсетат дека се тука. Дали обвинителството ќе успее онаму каде што потфрлија сите досегашни политичари - во расформирањето на она што изгледа како најголема нео-нацистичка партија во Европа, останува да се види до крајот на јануари.

14 ноември 2014 - 13:37