Таг: чинар

Како се обликува дрво

Градските дрвја, за разлика од шумските, треба и мора да се обликуваат. И шумските може да се обликуваат, но изгледа таму секогаш се трга од парите - колку вложуваш за нешто а колку ќе добиеш. Во шумите наменети за стопанска сеча целта на оформувањето поединечни стебла е поинаква и обично се користат техники поврзани со густината на садење и со видот на сеча отколку вистинско обликување. Но, дури и тие можат да извлечат корист од начелата на текстов што следи. И во шумарството се користи термин „грешки во дрвјата“ за непожелни форми кои не можат максимално да се искористат финансиски. Барем сопствениците на приватни шуми би требало да ги знаат. Но овде ќе зборувам за оформување градски дрвја, нешто што обичните луѓе ги засега повеќе.  

Дали порано имало повеќе дрвја?

Подолго време сакав да напишам нешто на оваа тема. Бидејќи зимата дојде (речиси) и, како и секоја година со неа и аерозагадувањето, решив тој текст да биде сега. Една друга важна причина е тоа што ме мачи недостатокот на морал, визија и идеали во поглед на заедничкото живеење. Мислам дека осврт на историјата на човечкото живеење во населби, и како тоа се одразило на екологијата може да биде корисно за сите нас (а ќе се освежам и самиот).