Крок Мадам

Француски доручек

Потребни состојки:

  • тост леб
  • варена шунка
  • кашкавал
  • јајце
  • бешамел сос
  • сол и бибер

Сте имале некогаш прекуокеански лет и да не можете око да склопите? И јас исто. Многу е убаво чувството, посебно ако си во средина и од страна имаш така малце покрупни луѓе, евентуално мало бебе што не престанува да плаче. Во тие случаи ставаш слушалки, се помируваш и почнуваш да го истражуваш малото екранче пред тебе. Филмови, музики, игри.. "Ејјјј кој филм, супер" и одма ти се крева расположение сè додека не прочиташ "Овој филм не може да се емитува на овој лет"! Така истражувајќи најдов емисија за готвење. Изгледав сé што имаше и решив веднаш штом слетам и си дојдам при себе ќе го направам тоа што најмногу ми остави впечаток. 

Крок Мадам или на француски Croque Madam. Се разбира дека ако има Мадам мора да има и Мисје. Крок Мисје или на француски Croque Monsieur е всушност сендвич кој се има најдено на француското мени за доручек во 1910 година, додека Крок Мадам доаѓа педесет години подоцна. Двата рецепта се исти со тоа што Мадам има плус јајце што според французите тоа претставува "старомоден шешир" што жената некогаш го носела како моден додаток. Сепак за Французи станува збор, мора да има фешн.

Денес, наместо сендвич, ќе правиме мафин.

Чекори за подготовка:

  1. Уклучете ја рерната на 200 степени и земете сад за средни мафини. Намачкајте ги дупките убаво со путер и оставете го на страна. Земете ги тост лебчињата (да не бидат обични, може од оние благите, бриош) и сецнете ги корките. Со сукало поминете едно по едно за да се истенчат малце и да се зголемат. Така истенчени ги ставате во модлите, секое посебно. На некој начин правите корпи од леб.
  2. Шунката, ситно исецкана ставете ја прва, потоа изрендан кашкавал и одозгора јајцето. Доколку мислите дека нема да го собере јајцето, може и да не го ставате со цела белка, отстранете малку. И на крај врз сето тоа ставете го бешамел сосот.

    Сосот можете сами да го направите, а може и готов да го купите за да не се малтретирате. Но доколку инсистирате сами да го правите ќе ви ја кажам постапката. Потребно ви е путер, брашно, млеко, сол и бибер. Во мало тенџерче на среден оган ставете 50гр путер. Додека се растопува полека, посипете една лажица брашно и почнете да мешате. Смесата треба да ви изгледа како да правите палента, ако стане како тесто тоа значи дека имате многу брашно (тука додавате уште малце путер). Без да престанете со мешање малку по малку додавајте млеко се додека не ја добиете онаа кремаста и мазна смеса.
  3. Пред да ги ставите да се печат намачкајте ги врвовите на лебот со путер или зејтин. Печете 20 минути. Едноставно, нели?!

Крок верзии:

Провенсал (со домат) Норвегиен (со лосос) Сењор (со салса) Хаваиан (со ананас)
15 јануари 2016 - 11:21