Зреен рамстек со чоколаден сос

Софистициран вкус спремен за само 10 минути!

Потребни состојки:

  • зреен рамстек
  • чоколадо за готвење
  • путер
  • крема балзамико
  • бејби спанаќ
  • масло тартуф (опционално)
  • пармезан
  • сол и бибер

На диета сум!

Да, затоа и ме нема неколку дена. Па после празниците мислам дека ми требаше еден детокс. Се запушив од храна. Но, си велам, ако јас не јадам зошто па да не зготвам за некој друг?

И издржувам, искрено. Покрај толку мириси што ме маѓепсуваат при готвење, карактер сум и не пробувам. Ќе си се држам јас до мојот портокал и кисело млеко и ќе си трчам до едно место после тоа. Па што!

Нејсе, кога ќе видам убави намирници одма добивам инспирација за да засукам ракави и да впуштам во нова гастрономска авантура. Можеби ќе ви биде чудна комбинацијата на овој рецепт, но верувајте ми дека ќе се најдете на седмо небо по првиот залак, башка, сум ве излажала ли некогаш!? :)

Како и да е, рецептов е брз и многу фенси! Подгответе го за да импресионирате некој! (намиг)

Чекори за подготовка:

  1. Спремете сè што ви е потребно за да го растопите чоколадото на пареа. Значи, наполнете тенџерче со два прста вода и врз него ставете друг сад во кој ќе го ставите чоколадото. Горниот сад не смее да се допира до водата. Додадете го и путерот и чекајте да се растопи.

  2. Во меѓувреме, земете го месото и со хартиен бришач избришете ја целата крв од него.

  3. Загрејте ја тавата, ставете путер поголема количина и чекајте да се растопи. Ако имате грил тава уште подобро. Пржете го од едната и од другата страна вкупно околу 8 минути. Не го препржувајте, ќе биде суво и ќе ја изгуби сочноста.
  4. Чоколадото е стопено, додадете крема балзамико.

  5. Промешајте убаво. Доколку приметите дека чоколадото ви се згрутчива, не се секирајте, додадете уште малку путер и ќе стане мазно, како што треба. Зачинете со сол и бибер.

  6. Промешајте убаво и исклучете ја ринглата. Нека остане сосот топол.
  7. Месото е испржено. Ставете го на хартиен бришач. Да, ќе го собере цел сок, но не се секирајте, нема да ја промени сочноста на месото, а и нема да ви се закашка цела чинија.

  8. Во посебен сад, ставете го бејби спанаќот, зачинете го со маслинов, крема балзамико и сол, промешајте со рака и истото ставете го на тањирот за послужување. Врз него ставете го месото, но претходно исечете го на ленти. Посолете го, капнете неколку капки масло од тартуфи и наросете го со пармезан. Ставете го сосот од страна и послужете.

    Лиги ми потекоа, пријатно јадење!

Препорака:

Јадењево е оргазмично, допрете до тој на кого што ќе му спремате на малце поинаков начин! :)