За свет со намќори што не глумат среќа

Секој што во својот стаж има повеќе од 3-4 новогодишни прослави од работа, има сфатено дека целата мантра "биди позитивен и насмеан на работа" е само непотребно смарање. Едноставно, константна состојба на радост не е ничија природна позиција.

Не дека работното место треба да се претвори во "фајт клуб" или натпревар во рецитирање пцовки слободен стил, туку на вработените да не им се наметнува среќата како врвен приоритет.

Целата опседнатост на компаниите со насмеани вработени е што тоа го толкуваат како знак за продуктивна и успешна канцеларија. За разлика од нив, истражувањата покажуваат дека присилувањето на вработените да бидат попријатни и весели отколку што реално се чувствуваат, може да доведе до цела серија сериозни проблеми од емоционална истоштеност до повлекување.

Англискиот социолог и економист Вилијам Дејвис во својата книга Индустрија на среќа, објаснува дека модерната опсесија со позитивноста на работното место е нов феномен, базиран на истражувањата што ја поврзуваат продуктивноста на работниците со нивната среќа:

"Аргументот за промовирање на среќата отсекогаш се сведувал на продуктивност. Работодавците бараат различни начини за да го подобрат моралот и расположението на вработените, или, ако тоа не успее, да ги натераат да се однесуваат на среќно. Мислам дека ова е повеќе нагласено во Америка, каде оптимизмот и верувањето во себе се станати речиси морални обврски."

Истражувањата покажуваат дека присилувањето да лажираш среќа на долг период може да предизвика физички и емоционални здравствени проблеми, од депресија до кардиоваскуларни болести. Друга студија од 2011 заклучува дека насмевката со сила може да го влоши расположението и да те натера да се повлечеш.

Наспроти ова, во корист на намуртеноста е што таа прави некои луѓе да бидат повнимателни и насочени кон детали, или да го крене нивното критичко размислување.

Сите лоши симптоми, според авторката на текстот на Кварц, се далеку поизразени кај жените.

19 април 2017 - 16:24