Околу вработените и "гонителите на робови"

Ти не си Џобс, а и Џобс не беше некој пример

Нарекуван најголемиот бизнисмен во светот и најдобриот ЦЕО на својата генерација, Стив Џобс во исто време е познат и по 30-минутното дерење на цели оддели, понижување на персонал или опишување на своите вработени колку не ги бива.

Ваквата пракса, природно или намерно, се шири низ цела Силициумска долина па слични примери денес доаѓаат од првите луѓе на компании како Амазон или Убер.

"Некаде по пат изгледа дека Силициумската долина одлучи дека интернет поврзаноста е поважна отколку човечката поврзаност; дека заситеноста со технолошка интелигенција може да надомести за недостигот на емоционална интелигенција. На крајот од краиштата, ако тоа му успева на гениј како Џобс, тогаш не може да е погрешно.

Ама е.

Иако овој систем на менаџирање може да е успешен на краток рок, работниците долгорочно не можат да напредуваат под нарцисоиден шеф што постојано бара повеќе," пишува Кристер Угербоек во текстот за Кварц.

Ваквото однесување не носи човечки резултати ниту кај Џобс кој постојано губи луѓе од најразличните тимови на Епл со кои соработува. "Бегањето" го потврдува и Вознијак кој објаснува дека некои од најкреативните луѓе од Епл што работеле на Мекинтош ја имаат напуштено компанијата и одбивале кога и да е повторно да работат со Џобс. Токму заради темпераментот на Џобс, Епл губи импресивни таленти.

Угербоек наведува нови истражувања кои покажуваат дека "хипер-критичко раководство не само што доведува до немотивирани вработени и расправии меѓу вработените, туку и до сериозни болести како депресија, висок крвен притисок, здебелување, зависности, па и предвремена смрт."

Како што се наведува во биографијата на Џобс, тој бил таков затоа што се стремел кон перфекција. На вака поставените работи, дилемата е "дали треба да веруваме дека понижувањето вработени е она што го направи Епл голем".

"Неодамнешното истражување на срамењето и разорувачкото влијание што тоа може да го има врз нечија мотивација, креативност и однесување, кажува нешто сосема друго. Како што вели авторката Брене Браун: 'срамот го кородира истиот дел од нас кој верува дека можеме да се промениме'.

Просто е: колку полошо се чувствуваме околу себе си како луѓе, толку помалку сметаме дека можеме да правиме правилни избори и да работиме до максимумот. Тоа што можеме да направиме нашите вработени да се чувствуваат ужасно околу самите себе, не само што е ужасна лидерска алатка: туку просто е и мрзливо.

Нема никаква посебна вештина во тоа да се дереш на некого, и лесно е да распалиш кога си гневен и разочаран. Меѓутоа да водиш со достоинство, сталоженост, добрина и свесност околу самиот себе? За тоа треба труд. За тоа треба зрелост. И тоа не доаѓа природно на многумина од нас.

Без разлика дали доаѓа лесно или не, емотивната интелигенција треба да биде водечкиот предуслов за лидерите на компаниите. Овие вештини можат да се научат, ЦЕО-та можат да се променат, и ние можеме да бараме подобро. Шеф во Силициумската долина што не е шупак? Е тоа би било 'размислувај поинаку'," пишува Угербоек.

16 мај 2017 - 15:14