Мајмунски работи:

Затоа што отсекогаш било така

Стара приказна е ова за менталитетот и социјалната психологија и веројатно ја имаме објавено во овие миљарда години минати на интернет. Поучна е на различни нивоа, и за македонската транзиција и за состојбите во вашата фирма, град, држава.... Ако имате чувство дека мајмуните се менуваат а работите остануваат исти, читнете како тоа оди.  

Постојат бројни методи за манипулација со луѓето, некои од нив сè поефикасни како минува времето a попат и цели генерации можат да се сменат. Затоа што не само поединците, туку и групите можат да имаат „стекнат рефлекс“ кој се создава околу правила кои, дури и ако на почетокот биле дочекани со некаков отпор, со тек на времето се прифаќаат и почитуваат без расудување кому и зошто служат.

Таква е оваа приказна: 

„Во кафез ставете пет мајмуни. Во кафезот поставувате скали а на врвот на скалите банана. Нема да мине долго време кога некој од мајмуните ќе дојде до скалите за да се искачи до бананата. Штом ги пипне скалите, испрскајте ги сите други мајмуни со ледено ладна вода. По некое време, истото ќе го проба друг мајмун, исто испрскајте ги сите други.

По доволно долго време од исти обиди кои завршуваат со ист епилог (прскање на останатите со ладна вода), кога некој мајмун повторно ќе проба да дојде до скалите, некој од другите мајмуни ќе рипне да го спречи.

Сега престанувате со ладната вода.

Вадите еден од мајмуните и го менувате со нов мајмун. Тој бргу ќе ја види бананата и ќе проба да се качи по скалите. На негово комплетно изненадување, ќе го нападнат сите други мајмуни и ништо нема да му биде јасно. Ќе проба тој уште неколку пати но ќе сфати дека на секој обид го напаѓаат.

По некое време, извадете уште еден од изворните мајмуни и заменете го со нов. Ќе го проба и тој истото па и тој ќе биде нападнат, меѓу другите и од оној претходен мајмун кој не знаеше зошто го напаѓаат.

Заменете го и третиот и четвртиот и петтиот мајмун од оригиналната петорка. На сцена сега се пет мајмуни кои никогаш не биле прскани со ладна вода затоа што пробале да дојдат до бананата. Ама сепак, сите од нив брутално ќе ги напаѓаат оние кои ќе го пробаат тоа.

Зошто? Затоа што отсекогаш било така.“    

13 јуни 2017 - 10:48