Луи одговара Прустов прашалник

Венити Фер има постојана рубрика, Прустов прашалник, на кој сосема пристојно до сега одговарале бројни битни фаци, од Надал, Дастин Хофман, Доли Партон, Скорсезе. Сè до најновото издание, кога го викнале Луи Ц. К. Веројатно веќе зажалиле.

Која е вашата идеја за совршена среќа?

Да не мора да пополнувам ваков прашалник.

Кој е вашиот најголем страв?

Мислите дека ќе ви го кажам тоа? Мислите дека ќе ви дозволам да го објавите мојот најголем страв во национално списание? Не, господине. Нема, господине.

На која жива личност ѝ се восхитувате?

На типот кој го видов вчера. Ја минуваше Осмата авенија на црвено. Просто заглави среде улица со колите и такси возилата кои одеа накај него и тоа ништо не му значеше. Како да беше единствената жива душа, а ние останатите духови. Го сакам човеков, кој и да е.

Која особина најмалку си ја сакате?

Имам апсолутно убав пенис. Восхитувачки е на секој можен начин. Боже, си го мразам совршениов пенис.

Која особина ја сметате за преценета?

Кога некого сметаат за паметен затоа што не пцуе. Или користи „мрсни зборови".

Што најмалку ви се допаѓа во врска со вашиот изглед?

Навистина сум уморен од гледање во моите кукови. Стварно ми е доста од тоа да стојам гол пред огледало и со саати да си ги гледам куковите мрморејќи, „Вие, кукови, треба да се приберете".

Што или кој е вашата најголема животна љубов?

Боже...Колку лично прашање. Кој е ова?

Кога и каде сте биле најсреќен?

Добив автограм од Луи Тиант кога имав девет години во продавница за бои. Некоја локална продавница го најмила да седи на маса цел ден и да потпишува флаери со нивните посебни цени за бои. Изгледаше мизерно. Се сеќавам дека помислив, ова е најдобриот момент од мојот живот а најлошиот од неговиот. Луи Тиант беше играч на Бостон Ред Сокс, патем.

Кој талент би сакале да го имате?

Би сакал да знаев да цртам. Не можам ништо да пренесам од главата на хартија. Цртам како дете. Како дете кое било тепано и малтретирано. И кое не знае да црта.

Во какво расположение сте во моментов?

Некако сум депримиран. Подобро да не ме прашавте.

Да можевте да смените нешто во врска со вашето семејство, што би било тоа?

О Боже, стварно сакате да слушнете такво срање, нели? Не ви одговарам на тоа. Кој би одговорил на нешто вакво???

Што сметате за ваше најголемо достигнување?

Имаше една женска во Оклахома. Имавме секс на Нова година. Имаше 19. Јас околу 23. Ептен ѝ бев под ниво. Сè уште не ми се верува. Се надевам дека е ок.

Во што би избрале да се реинкарнирате?

Мислам... кој има време да се бави со вакви срања? Имам две деца. Треба да најдеме школо за следната година. Срањето станува реално. Кој има време да мисли што сака да прави во следниот живот?

Кој квалитет најмногу го сакате кај маж?

Само да ми биде забавно да зборувам со него.

Кој квалитет најмногу го цените кај жена?

Исто. Плус секс, молам.

Што најмногу цените кај пријатели?

Пријателите секогаш треба да ви ја кажуваат вистината. Но, ве молам, немојте.

Кои ви се омилени писатели?

Ф. Скот Фицџералд, Николај Гогољ, Ричард Рајт, Џон Штајнбек.

Кој ви е омилен лик од литературата?

Уф, одамна не сум прочитал книга.

Кои се вашите херои од вистинскиот живот?

Навистина го сакам Барак Обама. Извинете ако тоа е „Пффф..Претседателот. Тоа е лигаво". Го сакам Барак Обама. Колку голем човек. Среќен сум што гласав за него.

Што најмногу мразите?

Стварно? После сево ова? После сите овие специфични прашања? Ова ќе ме прашате? Сериозно, треба малку да ве стегне уредникот.

Како би сакале да умрете?

Врзувајќи се со лисици за вас, и фрлајќи се во казан со стопена врела бронза.

Кое е вашето мото?

Никогаш, ама никогаш повеќе не се согласувај да прифатиш покана од списание.

11 декември 2012 - 12:59