Кога убавиците пушеа а џентлмените знаеа да задоцнат

76 годишниот фотограф Тери О'Нил за магазинот Ел ги сподели приказните позади некои од своите најомилени фотографии. Кога Елизабет Тејлор му пали цигара на Боуви, кога Мик Џегер не е главниот секс симбол на Ролинг Стоунс, кога Френк Синатра е онаков каков што секогаш бил - најјак.

Брижит Бардо

Фотографијата на Бардо веројатно е мојата најпозната фотографија. Ја направив за време на снимањето на "The Ballad of Frenchie King", во Алмерија, Шпанија. Забележав дека ветар ѝ ја мрси косата ама го промашив првиот момент. За среќа, повторно дувна ветар, шкрапнав ама не бев сигурен што сум направил. Кога се вратив во Лондон и ги развив фотографиите, ме фати еуфорија што тоа држам в рака.

Одри Хепберн

Од сите ѕвезди со кои сум се дружел, Одри Хепберн беше најслатката и најмилата. Од неа не можеше да се направи лоша фотографија. Имаше прекрасна наивност и ведрина, во себе носеше не само светлина на ѕвезда туку и топлина на човек. Ова е снимено во базен во Сен Тропе.

Џуди Гарланд и Лајза Минели

Ја снимав Гарланд во Лондон, 1964-та. Отидов во куќата која ја имаше изнајмено и таа ме запозна со нејзината ќерка. Тоа беше непосредно пред првпат да настапат заедно на сцена, како пејачки дует. Џуди Гарланд ја обожуваше својата ќерка.

Мик Џегер

Кога е снимена оваа фотографија, главна ѕвезда на Стоунси не беше Џегер туку Брајан Џонс. Само што го извадија својот прв помал хит, една преработка од Чак Бери кои тие многу ја мразеа. Менаџерот едвај ги убедуваше да ја свират на концерти.

Дејви Боуви и Елизабет Тејлор

Тејлор ја познавам уште од снимањето на Клеопатра. Бев со неа во ЛА кога посака да го запознае Дејвид Боуви кој вежбаше за својата Diamond Dogs турнеја. Мислам дека планираше да му даде улоги во нејзиниот следен филм.Тој доцнеше 4 часа, а таа нималку не беше одушевена од тоа. Знаев дека ќе немам многу време за фотографирање. Направив само пар снимки а таа брзо го прекина снимањето. Не можеш така да се однесуваш со една од најголемите актерки на тоа време. Подоцна повторно го сликав Боуви. Класа човек. 

Ракел Велч

Ја запознав на почетокот на нејзината кариера. Таа беше првиот посериозен секс симбол и беше многу подобра актерка отколку што тоа ѝ се признава. Пријатели сме веќе 50 години.

Френк Синатра

Ова е една од моите најомилени слики од Френк, фатена во Фонтебло хотелот во Мајами. Тој често беше замислен човек. Дење снимаше филм, навечер играше во кабаре. И така со недели, и никогаш не се пожали ниту пак одбил да го сликам. Денешните ѕвезди снимаат два-три филма годишно и после се жалат дека се исцрпени. Синатра беше најенигматичниот, најхаризматичниот и најкул маж што некогаш сум го запознал. Кога тој влегуваше во просторија, времето запираше.

4 декември 2014 - 14:25