Од ЕФФ до технолошка индустрија: бришете сè што имате

ЕФФ е непрофитната група што на глобално ниво се бори за дигиталните права на корисниците. На неколку недели пред доаѓањето на Трамп во Белата куќа, тие закупија цела страница во магазинот Вајард за својот проглас до комплетната технолошка индустрија.

Објавата е под наслов „Вашиот модел на закана само што се промени“, а во текстот се предупредува дека претстојната администрација вети дека ќе шпионира и депортира милиони Американци врз основа на нивната религија и раса, и дека целата индустрија е пред сериозен ризик „нејзините услуги да бидат регрутирани во оваа цел“.

ЕФФ (Electronic Frontier Foundation) ја повикува целата технолошка заедница да заврши четири работи:

Да енкриптира: да користи HTTPS и корисник-до-корисник енкрипција за секоја корисничка трансакција, комуникација или активност.

Да избрише: комплетно да ги исчистат сите логови. Никој не може да ве натера да ги предадете податоците што не ги поседувате.

Да открие: ако владата побара од вас да следите корисници или да цензурирате говор, кажете му за тоа на светот.

Да се спротивстави: борете се за правата на корисниците на суд, на Капитол хил, и вон нив.

Фондацијата на својот сајт има и цел список на конкретни барања до конкретни компании, за тоа што треба тие да преземат за да ги обезбедат своите системи од нов напад, предлози за технолошките лидери што се среќаваат со Трамп, и најдобри пракси за бришење на непотребните кориснички податоци и енкриптирање на комуникацијата.

 

20 декември 2016 - 15:11