Елон Маск ја издига на клоци идејата за летачки коли

И после повеќе од 100 години автомобили на планетава, растење со нив и детално познавање на најбазичните правила околу нив, пак не ти е сеедно кога минуваш пешачки. Е сега, замисли ја константната нервоза кога истите тие коли и понатаму постојано би шишкале ама сега над тебе.

Во петокот, на еден ден пред почетокот на конференцијата за летачки коли во Далас организирана од Убер, Елон Маск на ТЕД 2017 доби шанса уште еднаш да се истури што сè мисли против летачките коли.

"Јас сум за работи што летаат.

Ама предизвикот со летачките коли ќе биде тоа што ќе бидат премногу гласни, а генерираната сила на ветровите ќе биде премногу висока.

Ако нешто ти лета над глава, ако насекаде има еден куп летачки возила, тоа не е ситуација во која можеш да се опуштиш.

Ти не си викаш, 'ах денес сум порелаксиран', туку само мислиш 'ја има ли овој стегнато тоа раткапната? Или ќе му се откачи и ќе ме лупне мене?'" објаснил Маск.

Додека Убер размислува за летање, а пред некој ден беше промовиран и првиот летечки автомобил (кој во основа е џиновски дрон) финансиран од еден од основачите на Гугл, Маск размислува во сосема спротивен правец - подземни тунели.

Тој за време на ТЕД говорот ја презентирал својата идеја за тоа како го замислува сообраќајот во тунелите, а сето ова се случува во ист ден кога во Спејсикс беше испорачана неговата машина за копање тунели.