Северна Кореја: Магбет со нуклеарки

Првиот човек на Северот е очаен, неговата граница за ризикување е ниска, и тој има опасни оружја, сето ова е застрашувачки микс, пишува Гордон Чанг во Дејли Бист.

Полубраќата Јонг-Нам и Јонг-Ун

Во четвртокот малезиските власти ја уапсија и втората од двете жени поврзани со смртта на Ким Јонг-Нам, полубратот на Јонг-Ун, некогаш избраниот наследник кој требаше да го преземе севернокорејскиот режим. Јонг-Нам почина на пат кон болницата откако две неидентификувани жени му го покриле лицето со ткаенина на која имало непозната хемикалија. По ова севернокорејските дипломати неуспешно се обидоа да ја спречат аутопсијата на телото на Јонг-Нам.

Ваквиот атентат според Чанг покажува дека "севернокорејскиот режим е нестабилен, а неговиот лидер е очаен".

Јонг-Нам е најстариот признат син на Ким Јонг-Ил, меѓутоа тој ја губи наклонетоста на својот татко во 2001 кога е притворен заради обидот да влезе во Јапонија со лажен доминикански пасош. Наводно, сакал да оди во Дизниленд.

Несудениот наследник последните години живее под заштита на Кинезите, и тоа претежно на Макао. Наводно Пекинг сакал да ја има отворена опцијата за поставување на про-кинески лидер во Пјонгјанг, ако случајно затреба такво нешто. За разлика од ваквите кинески планови, Јонг-Нам немал ни приближно државнички амбиции.

Тоа што тој реално не е закана за власта на својот полу-брат, не значи дека Јонг-Ун не се обидел да го убие. Пред Малезија, и во 2012 имаше неуспешен атентат врз Јонг-Нам.

Самиот владетел на Северна Кореја не е нешто вонредно настрвен на својот полу-брат, туку општо е позитивно настроен кон егзекуции. Наводно до сега тој има наредено егзекутирање на околу 340 функционери (дел од експертите веруваат дека точната бројка е поблиску до 500).

Она што изненадува во атентатот врз Јонг-Нам, е што таков напад не е идеолошки својствен за идеологија и општество во кое членовите на семејството се сметаат за божествени, а легитимитетот на власта почива на крвното наследство.

"Во таква околина, ова е посебно гнасен акт. Исто така и очајнички. Егзекуцијата на член на семејството може краткорочно да ги заплаши останатите, но тоа ја намалува поддршката и го поткопува кредибилитетот на режимот. Убиството дури може да биде толкувано и како последен избор.

Ова е толку ризично што може да биде и последната грешка на Ким Јонг-Ун. Како што изјави Ли Сунг-Јун од Туфтс Универзитетот, 'во одреден момент, овој симболичен баланс на моќ, овој невидливи баланс на моќ меѓу тиранот и оние што му ласкаат, ќе биде прекршен,'" пишува Чанг.

Освен Јонг-Нам, пред две недели се расчу веста за разрешувањето на севернокорејскиот министер за држава безбедност, а во неделата шефот на стратешките ракетни сили на Северна Кореја не беше на тестирањето на новите ракети со краток домет, "што е показател за нестабилност во врвот на армијата".

Што се однесува до вечната мака на Западот со Пјонгјанг, Чанг се сомнева дека Јонг-Ун ќе реши во наплив на нервоза да ги лансира своите проектили, од кои три имаат домет до западниот брег на САД, без разлика дали ќе успее да ги направи нуклеарни или не, "затоа што проектилите имаат адреса на праќачот" па ќе биде лесно да се возврати на нападот.

"Сепак, за да го засили својот легитимитет, тој може да се обиде да направи нешто незамисливо, посебно ако верува дека тоа нема да има последици по него, заради политичкиот неред - повиците за импичмент - во Сеул.

А ако Ким создаде судир кој ќе заврши лошо по него и мисли дека притоа секако ќе умре, тој може да одлучи да ги земе сите останати со себе.

Сличен став имаше и неговиот татко, Ким Јонг-Ил кој своевремено изјави: 'Ако изгубиме, ќе го уништам светот.'" пишува Чанг.

17 февруари 2017 - 15:23