Се сеќавате на #Occupy?

Шест месеци откако успеа да го сврти вниманието на целата јавност на прашањата за економска еднаквост, движењето Occupy едвај да е видливо на јавната сцена. Тоа веќе не е производ околу кој се штанцаат вести а активистите дремат по судови.

"Мора да размислуваат за нови начини како повторно да го свртат вниманието и да ги поврзат луѓето," советува претседателот на Центарот за американски прогрес, организација која беше една од најсилните сојузници  на движењето.

Occupy остана без свои бази во центрите на поголемите градови а движењето генерално губи на својата видливост на сцената.

Маршовите се сè поретки и помалубројни а добар дел од активистите се принудени да се бранат по судови што сигурно ги демотивира останатите.

Заради немање на вообичаена лидерска структура, движењето не успеа да стане дел од постоечката политичка сцена, како што тоа им успеа на конзервативците од Tea Party.

Организаторите се надеваат дека ќе успеат да ја живнат целата идеја со протести најавени за Први Мај, но некои се сомневаат во тоа, посочувајќи дека луѓето денес полесно се поистоветуваат со бенигни форми на протест, како што би било апстинирањето од шопинг на тој ден.

Добра вест за сите учесници во каузата е тоа што иако движењето е целосно маргинализирано на политичката сцена, поентите кои тие ги покренаа се всадија во јавниот живот. 40 проценти од Американците веруваат дека "трудот и посветеноста не се доволни за успех во повеќето случаи," што е највисок процент на свесност за овој проблем во последниве 8 години.

Во ноември 2011, дури 14 проценти од вестите во американските медиуми беа поврзани со ова движење. Веќе следниот месец, се работеше за 1 процент. Во јануари и февруари, вести има толку малку што темата веќе не влегува во медиумските мерења.

2 април 2012 - 09:53