Пријателството од Истокот што ја вознемирува ЕУ

Турците прво соборија воен авион на Русија, при што загина рускиот пилот, потоа припадник на турските безбедносни структури од грб го уби рускиот амбасадор во Анкара, во меѓувреме во Сирија Русите се најголем поддржувач на главниот турски непријател Башар ал Асад. Резултат на сето ова е - руско-турските односи се посилни од кога било до сега. И ова е сериозен проблем во матрицата, барем за Западот.

И покрај целата дипломатија, како најуспешни во приближување на двете земји кои во еден момент беа на раб од војна, се покажаа неуспешниот воен удар во Турција, и константниот притисок од САД и ЕУ врз Ердоган. Токму САД се главните осомничени кај Ердоган дека заедно со Фејтула Ѓулен го имаат организирано неуспешниот воен удар.

"Со овој состанок во Москва го завршивме процесот на нормализација. Повеќе не сакаме да го користиме тој збор," изјави Ердоган по состанокот со Путин од 10 март годинава.

"Можеме да заклучиме дека нашите односи повторно станаа вистински партнерски и дека соработуваме најразлични подрачја и ја сметаме Турција за наш најважен партнер," порача Путин по истиот состанок.

Освен укинување на најголемиот дел од санкциите кои преостанаа меѓу двете земји, на средбата е договорен и раст на трговската размена од 32 милијарди долари во 2014, на 100 милијарди долари во 2023. Русите очекуваат нивната изградба на првата турска нуклеарна електрана да добие статус на стратешка инвестиција, а двете земји се договорија и за продолжување на изградбата на гасоводот Турски тек, кој треба да испорачува гас од Русија до Турција под Црното море. Првиот вод од гасоводот треба да биде во функција до 2019, а вториот кој треба да продолжи од Турција преку Грција во остатокот од Европа се уште се преговара со Унијата.

Околу актуелната војна во Сирија, тие се договорија да продолжат заеднички да се борат против ИСИС, и да разменуваат разузнавачки информации. Цел на воената соработка е Турција да има погранична зона кон Сирија која е без ИСИС и без курдските милиции. Иако двете земји во Сирија се на спротивставени страни, Турција моментално е најнапната околу американската поддршка на курдските сили кои се на границата со Турција. Стравот е дека ова може да доведе до курдска автономија во рамките на Сирија.

Она пак што ги напна НАТО и Американците е дека на состанокот Ердоган и Путин разговарале околу купување на С-400 руските ракетни одбранбени системи, со што Турција го премостува проблемот во набавка на ракетен и противракетен арсенал. Според рускиот заменик министер за одбрана најверојатно во скоро време пред двајцата претседатели ќе се најде предлог договорот за продажба на С-400 ракетниот систем.

"Токму пактот Путин-Ердоган ги излудува политичарите на Западот. Односните на Турција со Европа и Америка паднати се на ниски гранки, но Ердоган покажа дека пронајде нова алтернатива. А таа алтернатива никако не им одговара на политичарите од Брисел и Вашингтон. Но самите Западњаци се виновни за таквиот крах на односите.

По Обама кој не знаеше како да најде заеднички јазик со турскиот претседател, Трамп ја обликува надворешната политика заобиколувајќи ја Турција и не земајќи ги предвид нејзините интереси. А тука е анти-муслиманската логика на Трамп и забраната за влез за државјаните од седум муслимански држави која беше јавно критикува од турската влада. Тоа е кобно и лошо за американско-турските односи.

Подеднакво лошо за односите ЕУ-Турција е забраната за турски пред-референдумски собири во Германија, Австрија, Холандија и Швајцарија. Собирите на кои би се промовирало 'Да' на турскиот референдум се забранети од безбедносни причини, но вистинската причина е тоа дека Европејците се ставија на страната на турската опозиција и сите оние кои сметаат дека завршило времето на Ердоган. Всушност Европа му ја затвори вратата на Ердоган во ноември минатата година кога во Европскиот парламент гласаше за замрзнување на пристапувањето на Турција во ЕУ заради повредата на човековите права и слободи. Заради американските и европските пропусти продолжува засилувањето на пактот Путин-Ердоган кој така ја менува политичката слика на светот," пишува Матија Шериќ во анализата за Адвенс.