Не е важна оставката на Флин, важно е кој му кажал да се чуе со Русите

Мајкл Флин е американскиот генерал со три ѕвезди што пред неколку дена беше сменет од позицијата советник за национална безбедност на Трамп поради неговите телефонски разговори со рускиот амбасадор во Вашингтон. Според магазинот Политико, американски генерал не се слуша по своја волја со руски амбасадор.

Американскиот новинар и дипломат Даниел Бенџамин во текстот за Политико прашува кој му рекол на Флин да се чуе со Сергеј  Кислјак, „бидејќи сигурен сум дека Флин не го направил тоа по сопствено убедување. Флин е мал играч во многу поголемата приказна околу врските на американскиот претседател со Кремљ, и тоа е приказната на која треба медиумите да се фокусираат“.

Објаснувајќи го минатото на Флин како армиски разузнавач за Блискиот Исток и Авганистан, без никакво дипломатско искуство, Бенџамин смета дека генералот не е некој голем стратег што може да спроведе комплексно политичко преструктурирање во однос на Русија, „и е прилично лековерна идејата дека некој со така ограничено искуство дејствувал по сопствена иницијатива кога се слушнал со Кислјак на 29 декември, на денот на објавата за новите санкции“. Во целата приказна треба да се има предвид дека според одредени извори, Флин дента 5 пати се чул со руската амбасада, што според Бенџамин „покажува дека тој е на мисија“, а не дека има сопствен план.

Бенџамин смета дека освен неискуството, самото тоа што не помислил дека неговите разговори по службена должност се снимани од американското разузнавање, сомнително во постапката на Флин е и тоа што за разлика од Трамп, тој нема изразено пристрасност кон Путин. Тој присуствува на една вечера организирана од РТ, каде што седи на иста маса со Путин, меѓутоа неколку месеци подоцна објавена е книга на која тој е коавтор, а во неа Русија ја става во земјите што иако не се религиозни фанатици, ја имаат истата омраза кон Западот, и посебно САД и Израел.

„Сето ова нè носи до прашањето: ако Флин не го иницирал разговорот, кој му кажал да се чуе со Кислјак? И уште поважно, која е природата на врските на Трамп со Путин, и дали двајцата соработувале во хакирањето на изборите?

Речиси сите новинари што го покриваа скандалот со Флин ја заборавија очигледната мистерија, фокусирајќи се исклучиво на пропустите на поранешниот генерал. Правејќи го ова, тие ѝ направија џиновска услуга на Белата куќа“, пишува Бенџамин.      

15 февруари 2017 - 17:40