Британија, резилот на Европа

Да не беше толку сериозна, ситуацијата во Британија ќе беше речиси комична. Со земјата владее робот кој зборува, со прекар Мејбот, кој некако успеа да отиде во посета на изгорена зграда во западниот дел од Лондон без да прозбори со ниту еден единствен преживеан или волонтер, пишува Кристијан Зашке во текстот за швајцарски Дер Бунд.

Преговорите за напуштање на ЕУ почнуваат во понеделник, а се уште нема ни една единствена најава за каков било план. Владата зависи од мала партија која штити негатори на климатските промени и креационисти. Борис Џонсон е министер за надворешни работи. Што со случи со земјава?

Пред две години Дејвид Камерон излезе од парламентарните избори како голем победник. Тој имаше обезбедено апсолутно мнозинство и резултатите изгледаа како кариерата на овој весел лик да е на пат кон зашеметувачки висини. Економијата растеше побрзо отколку во која било индустријализирана земја во светот. Шкотската независност и, со тоа, распаѓањето на Обединетото кралство беше избегнато. За прв пат од 1992, конзервативците имаа мнозинство во Долниот дом. Велика Британија се гледаше себе си како универзално почитуван актер на меѓународната сцена. Ова беше стартната позиција.

За од оваа комфорна позиција да стигне до сегашниот хаос во најкратко можно време, беа неопходни две работи: конзервативни десничари опседнати со омразата кон ЕУ, и второ, неодговорноста од страна на Камерон да ја стави на коцка целата иднина на земјата со неговиот референдум, само за да задоволи неколку фанатици во неговата партија. Станува се појасно колку вонредно лоша одлука беше ова. Фактот дека Велика Британија стана резилот на Европа е директно поврзан со неговото гласање за брегзит.

Оние кои најмногу ќе страдаат се Британците, кои беа излажани од поборниците за брегзит за време на кампањата пред референдумот и предадени и третирани како идиоти од делови од тамошниот печат. Бесрамноста и понатаму нема граници: Дејли експрес со сета сериозност праша дали пеколот од станбениот блок се должи на тоа што фасадата била направена по ЕУ стандарди. Многу просто може да се открие дека одговорот на прашањето е НЕ, ама со тоа што нема ни да провери, весникот засадува сомнеж дека и ЕУ делумно може да е виновна за ова. Мала дигресија: земја во која делови од печатот се толку видливо незаинтересирани за вистината и злоупотребуваат катастрофи како пожарот во кулата Гренфел за нивни невкусни потреби, има сериозен проблем.

Цените на продавниците веќе растат, инфлацијата веќе се зголемува. Инвеститорите чекаат. Економскиот раст е побавен. И ова е пред преговорите за брегзит воопшто да започнат. Со нејзините непотребни општи избори, премиерката Тереза Меј веќе списка осмина од времето што го имаат на располагање. Како ќе успеат во преостанатото време да договорат подвиг комплексен како брегзит останува мистерија.

Велика Британија на крај ќе го напушти својот најважен трговски партнер и ќе биде оставена послаба во секоја смисла. Има економска смисла да се остане во единствениот пазар и царинската унија, ама тоа ќе значи да се биде под закони во кои Британија повеќе нема да има право на збор. Ќе беше подобро да останеше во ЕУ на прво место. Па Владата сега треба да развие план кој е и политички прифатлив и ќе донесе најмалку можни економски последици. Сега се работи само за ограничување на штетата: а сепак има политичари што седат во Вестминстер и арогантно трубат дека ЕУ ќе биде таа што полошо ќе мине ако не попушти во преговорите.

ЕУ ќе се справува со влада која нема поим каков брегзит посакува, предводена од нереалистичен политичар чии денови се одброени; и партија чии стари ровови повторно се откопуваат: умерените ториевци моментално се надеваат дека ќе можат да извадат помеко излегување; меѓутоа радикалите во партијата веќе се закануваат со бунт. Претстои епска битка, и тоа ќе ја парализира владата.

Главниот ЕУ преговарач Мишел Барние изјави дека сега очекува дека Британците конечно јасно ќе ја искажат својата позиција, бидејќи тој не може да преговара сам со себе. Иронијата на оваа изјава е дека во најдобар интерес на Британија ќе биде ако тој го направи токму тоа. Барем така од нивна ќе имаат еден претставник кој го има воочено обемот на задачата и е способен да обезбеди договор што ќе биде коректен за двете страни. Британците во своите редови немаат еден единствен преговарач од ваков тип. И вон темата брегзит, дебатата и референдумот се покажаа дека се штетни на начини кои Британците сега почнуваат да ги чувствуваат.

Британското општество не било вака поделено од Англиската граѓанска војна во 17 век, факт кој се покажа на општите избори, на кои добри 80% од гласовите беа дадени за двете најголеми партии. Ниту една од овие партии не нудеше програма на центарот: изборот беше меѓу крајна десница и крајна левица. Политичкиот центар беше напуштен, и тоа никогаш не е добар знак. Во земја како Велика Британија, која толку долго имаше репутација на прагматизам и рационалност, ова е основа за сериозна загриженост. Ситуацијата се повеќе излегува од контрола.

По губењето на империјата, Велика Британија бараше ново место во светот. И конечно го најде, како силен, чуден и влијателен дел на една поголема унија: ЕУ. Сега таа непотребно се откажа од своето место. Последиците, како што почнуваат да стануваат појасни, се вистинска криза на идентитет од која на земјата ќе и треба уште многу време за да закрепне.

Дер бунд

19 јуни 2017 - 16:20