Фајненшл тајмс

Велешаните им удрија пик на изборите во Франција и Германија

За изборите во САД се појавија стотина веб-страници за американската политика управувани и водени од велешки тинејџери, претежно полни со лажни вести што успеаа да соберат милиони кликови и шерови. Како што проценува Фајненшл тајмс, ваквиот индустриски погон сега се подготвува за изборите низ Европа.

Успехот на велешките про-Трамп сајтови се базира на претходниот успех на истите овие автори да постават сајтови за здравје и исхрана на кои собираат публика од стотици илјади луѓе. Без никаква трага на поврзаност со наводните американски радикални десничари или руски оперативци, тинејџерите успеваат својата „стави кромид на петици“-американска публика да ја претворат во „Хилари е човек-гуштер“-публика.

Она што им се случи на Американците е многу веројатно и очекувано дека ќе им се случи и на Германците и Французите за време на нивните избори во 2017. Објаснувањето на директорот на Центарот за медиуми од Универзитетот на Централна Европа во Будимпешта, Мариус Драгомир, е дека „многумина ќе се обидат да го направат ова, затоа што се покажа дека лажните вести може да бидат монетизирани“ и дека не е тешко да се постави бизнисот.

„На пример, земаш некое име што ѝ е добро познато на германската публика, ЗДФ, и регистрираш нов домен што го содржи него, како ZDFpolitik.com. И така почнуваш“, објаснува Драгомир.

Самата Меркел минатиот месец на новинарите им изјави дека „лажните веб-страници, ботови и тролови можат да го изменат погледот на граѓаните“. Неделава нејзиниот коалиционен партнер од СДП, за изборите побара само да има фер-борба „а не како во САД! Без лажни вести, без навреди“.

Еден од велешките тинејџери за Фајненшл тајмс ги коментира германските избори објаснувајќи дека овој пат ќе биде потешко затоа што Германците многу потешко „се палат“ и дека тие „ја сфаќаат својата политика многу посериозно, тоа за нив не е забава“.

ФТ разговара со тројца тинејџери од Велес што поставиле веб-страници. За сите тројца про-Трамп сајтовите се извор на заработувачка и ништо повеќе. Едниот од нив покажал дека само во ноември на Гугл Адсенс има заработувачка од 7.500 евра, „а ако заработам 100.000 евра, годинава ќе платам 10.000 евра данок - тоа ќе ја покрие годишната плата за двајца мои професори, така што се чувствувам како да враќам нешто (во општеството)“.

Објаснувајќи го процесот на работа, еден од тинејџерите изјавил дека за изборите направил повеќе од 10.000 лажни фејсбук-профили за ширење линкови на социјалната мрежа и искористил софтвер за автоматизација за закажување на милиони постови по најразлични ФБ страни и групи. Една од фејсбук-групите со кои управува има над 85.000 следбеници. Корисниците кликаат на линковите, кои носат на неговиот сајт, каде што тој заработува продавајќи реклами.

Во врска со нивната улога во изборите, одговорот на велешаните е дека тоа е претерано, надополнувајќи „што е со 120 милиони луѓе што воопшто не гласаа?“

16 декември 2016 - 14:17