Не ви е Фејсбук крив за Трамп

Треба да се разјасни дека Фејсбук не ги реши изборите, и Трамп нема да биде следниот претседател на САД заради неговата способност да се расправа со медиуми и славни личности на Твитер, пишуваат Кит Хемптон и Езтер Харгитаи во Хил.

Целиот напад на Фејсбук дека лажните стории и општо алгоритмите на социјалната мрежа влијаеле на исходот од изборите, е добро само за значењето што Фејсбук го добива во општеството, како медиум чија сила расте во однос на традиционалните медиуми.

"Како експерти во бизнисот со комуникации, ние сме повеќе од добро запознаени со претераните тврдења за општествените импликации на технологијата. Исто како што интернетот не нè прави социјално поизолирани и понервозни, така и фидовите на Фејсбук и Твитер не ги одлучија изборите.

Наспроти она што го зборуваат медиумите, мал број социјални мрежи се сепристуни. Иако најголемиот број Американци се на интернет, и околу 70% од возрасните го користат Фејсбук, останатите социјални мрежи, вклучувајќи Твитер, Пинтерест и Линкдин ги користи помалку од четвртина од возрасната онлајн популација. Кога се запрашани дали вестите ги добиваат преку Фејсбук или останатите социјални мрежи, околу половина од нив одговараат со 'да', што е помалку од една третина од сите возрасни што имаат интернет.

Сепак и ова ја преувеличува улогата на социјалните медиуми како извор на сериозни вести околу јавните проблеми. Најголемиот дел од Американците мислат дека информации околу Кардашијани или нивните локални спортски тимови се квалификуваат за 'вести'. Запрашани дали се сеќаваат каде ги чуле вестите поврзани со некој конкретен јавен проблем, во одговорите како извор доминираат ТВ и радио. Просечниот Фејсбук корисник клика на само 7% од 'сериозните вести' што ги има во нивниот фид. Далеку повеќе Американци ги добиваат своите вести преку телевизија отколку преку социјалните мрежи.

Ние би требало да игнорираме околу половина век истражување на комуникациите за да прифатиме дека вистинските, или лажни, вести преку кои било медиуми едноставно менува нечие мислење во корист на некоја сторија или реклама. Лажните или остро негативните вести дури можат да предизвикаат и бумеранг ефект кој го засилува мислењето во спротивен правец од она што го проповеда сторијата," пишуваат двајцата автори во текстот за Хил.

Она што според нив им е најтешко на медиумите да си го признаат е дека, " ако медиумите играле некаква улога во одлучување на резултатите, тоа биле масовните медиуми, каде Трамп имал далеку подобри резултати од останатите." Она што сите го забораваат е дека следниот претседател на САД е поранешна ѕвезда на реално шоу, и како таков тој добива значително поголемо внимание од масовните медиуми.

"Што може да се направи? Секако, дај да ги подобриме алгоритмите зад социјалните медиуми и пребарувачите. Ама да не заборавиме, корените на нетолерантноста се поврзани со нееднаквоста, и токму оваа нееднаквост и нетолерантност ги одлучија изборите. Тесното мнозинство на оние што го избраа Доналд Трамп за претседател е предводено од оние кои се најдисконектирани, и на и вон интернет.

Ова не е време да се игнорираат социјалните медиуми. Наместо тоа, треба сите да се поврземе за оние што се изолирани да можат да го чујат и гласот на другите," порачуваат двајцата истражувачи.