Словенија ја додаде водата како уставно право

Парламентот го изгласа амандманот според кој обилните резерви на чиста вода на земјата се "јавно добро управувано од државата" а не "пазарен производ". Со амандманот пристапот до вода станува основно човеково право, и таа повеќе не може да биде комерцијализирана (пакувана и продавана).

Дополнувањето на Уставот кое гласи "секој има право на чиста вода за пиење" беше изгласано со 64 гласови за, и ниту еден против. Од гласањето апстинираше опозициската Демократска партија, тврдејќи дека амандманот е непотребен и дека неговата цел е само зголемување на јавната поддршка на владата.

Премиерот на Словенија им порача на парламентарците дека треба да гласаат за предлогот по основа дека земјата треба "да ја заштити водата - течното злато на 21 век - на највисоко правно ниво".

"Словенечката вода е со многу добар квалитет, и заради нејзината вредност, во иднина таа сигурно ќе биде мета на апетитите на странски држави и меѓународни корпорации.

Како што таа полека во иднина ќе станува се повреден производ, притисокот во врска со неа ќе се зголеми и ние не смееме да попуштиме," порачал премиерот Миро Церар.

Словенија е првата членка на ЕУ која го воведе правото на вода во Уставот, додека низ светот тоа веќе го имаат направено 15 други држави.

Во 2014 ЕУ се согласи да го исклучи управувањето со снабдувањето со вода и резервите на вода, од правилата за управување на европскиот внатрешен пазар.

18 ноември 2016 - 08:42