Јајце во јајце

Она кога ќе испохуваш јајце, а јајцето претходно било поширано.

Потребни состојки:

  • 2 јајца (плус 1 за похување)
  • брашно
  • презла
  • сланина
  • алкохолен оцет

Некогаш многу сакам да си го комплицирам животот. Некои работи се толку едноставни, ама не, јас сакам да ги искомплицирам.

Како на пример во овој случај, со овој рецепт. Толку сум му запната на ова поширано јајце што ѕрцките ми ги има извадено додека не го направам како што треба. И го открив, открив како треба да постапам за да биде како што треба. Не дека не постојат други начини за овој рецепт да биде ок, како на пример ровко варено јајце од 5 минути наместо поширано, ама нема да биде тоа тоа.

На крај на краиштата, сите врвни кувари на нивната капа имаат онолку набори колку што знаат начини на подготовка на јајце. Тука спаѓа и пошираното и јас денес со гордост ќе ви го претставам. 

Чекори за подготовка:

  1. Земете подлабоко тенџере и наполнете го повеќе од пола со вода и ставет една лажица алкохолен оцет. Ставете го да се загрее, но не на најјако. Водата не смее да зоврие, всушност треба да биде пред вриење и така треба да остане. Па, кога ќе видите дека рабовите на тенџерето се прават со меури, тоагаш е времето за да продолжите понатака. 

  2. Земете едно јајце, препорачувам да ви биде на собна температура, ставете го во кутлача и брцнете го во водата точно 10 скунди. Извадете го и стајте го на страна. Земете маталка и правете кругови во водата т.е направете еден вид вртлог. Искршете го јајцето и ставете го во средина на вртлогот. Самото вртење на водата ќе ја заврши работата или ќе направи белката да ја обвие жолчката. Јајцето треба да седи во вода 3-4 минути. Извадете го и веднаш ставет го во вода со мраз. Истото направете го и со другото јајце.

  3. Спремете се што ви треба за поховање.

  4. Бидете многу нежни при самиот чин на поховање.
  5. Во тава загрејте масло заедно со путер испржете ги од двете страни јајцата, се додека не ја добиете онаа златна боја.

  6. При вадењето ставајте ги на хартиен бришач за да се собере вишокот мрснотија. Во меѓувреме исецкајте ја сланината и запржете ја. Ставет ги јајцата во убав тањир, врз нив сланината, декорирајте со босилок или нешто по ваш избор, послужете. Убавината во сето ова е кога ќе го пресечете јајцето, да истече жолчката. Супер мезе!

Спојлер алерт:

Не е препорачливо за луѓе со висок холестерол!
30 мај 2016 - 10:00