Јајца Бенедикт

Ги спремаш еден саат за да ги изедеш за една минута!

Потребни состојки:

  • чијабата (по ваш избор)
  • јајца (2+2 жолчки)
  • сланина
  • путер
  • лимон
  • власец
  • сол и бибер

Со ова јадење се запознав во Америка. Секогаш се служи на нивните таканаречени бранчови. Бранч е еден вид шведска маса, по нашки, што се служи во ресторани, обично во недела. Бидејќи се служи покасно од доручек, а фаќа дел и од ручек од таму е дојдено и неговото име brunch или комбинација од breakfast и lunch. Не постои бранч што ќе го посетите, а да не ги сретнете Јајцата Бенедикт или Eggs Benedict.

Постојат две приказни како е добиено името на ова јадење.

Првата, по Ламуел Бенедикт, пензиониран брокер од Вол Стит кој имал толку голем хенговер што направил своја комбинација на доручек за да дојде на себе. Ова се случува во 1894, во хотел Валдорф. Ги нарачал сите состојки посебно. Лебче, поширано јајце, крцкава сланина и сос холандез на страна. Менаџерот на ресторанот бил толку воодушевен од комбинацијата и решил веднаш да го стави на своето мени. Направил две замени, наместо тост лебче ставил англиски мафин (го нема кај нас) и наместо сланина, канадска сланина (исто ја нема кај нас, налик свинска шунка со поблаг вкус). Оваа променета комбинација е денешниот оригинален рецепт.

Втората, се разбира по папата Бенедикт. Малце е подосадна, но се раскажува и таа. По рецепт од својот вујко, Едвард П. Монтгомери го има направено ова јадење во чест на папата Бенедикт. 

Чекори за подготовка:

  1. Кога и да го правам овој рецепт, паника ме фаќа. Не за друго, туку мака измачив додека научам како се пошира јајце. Во подлабока тава ставете вода, чекајте да зоврие и намалете ја температурата за да не врие, а сепак водата да биде врела. То од прилика треба да изгледа вака.

  2. Скршете го јајцето во шоља за кафе. Така полесно ќе го ставите во вода. Истото ќе го направите и со другото. Со маталка промешајте ја водата во еден правец за да направите вртлог. Додека водата врти, внимателно ставете го јајцето. Хинт: во водата ставете малку оцет, помага во коагулацијата на јајцето.

  3. Самото вртење ќе овозможи белката да ја обвие жолчката. Вака се остава 4-5 минути. Се разбира, доколку не сакате жолчката да ви биде течна ќе го варите подолго. Со голема лажица со дупки извадете го јајцето.

  4. Готовите јајца ставете ги веднаш во сад со ладна вода и тргнете ги на страна. Водата во која што ги направивте јајцата оставете ја на исто место.  Водата ви треба топла за подоцна пред да ги сервирате да ги ставите за да се загреат.
  5. Јајцата се спремни, време е за сосот. Ух и за ова колку се имам изнамачено. Вака сега, постојат две варијанти. Варијанта "А" оригиналната со жолчките на пареа и варијанта "Б" сè комплет во микро печка. За тие што немаат микро, многу ми е жал и со среќа. Немам ни ја, не ме судете одма. Одиме со варијанта "А". Во лонче го растопувате путерот, околу 100гр. и додека се топи тргајте ги млечните масти што се појавуваат на површината. Прочистен путер, ви текнува? Процедете го во друго лонче, остатокот од мастите нека останат на дното и оставете го да се олади. Во стаклен кружен сад ставете ги двете жолчки, сок од четвртинка лимон, сол, бибер и убаво изматете ги. Во тенџере што ќе ви го собере стаклениот сад, за да може на пареа да ги направиме јајцата, ставете вода за да зоврие. Со матење без престан, капка по капка додавајте од путерот. На крај треба да добиете мазна и кремаста смеса. Бидејќи јајцата се изложени на пареа, можно е да ви се згрутчат, како кајгана. Нека не ве фаќа паника, коцка мраз или една лажица вода. Варијанта "Б". Сите состојки изматени во еден сад и во микро на 40 секунди. Толку!!!

  6. Во тава ставете ја сланината. Не додавајте масло, сама ќе пушти. Пржете ја по ваш вкус. Некои ја сакаат помека, а некои крцкава.
  7. Пресечете ја по должина чијабатата за да добиете две парчиња и во истата тава запечете ја средината. Ставете ги на чинија и ставете ја сланината врз нив. Земете ги јајцата и во истата водата што ги правевте ставете ги само една минута. Ставете ги врз сланината и полијте ги со сосот. Декорирајте со власец и уживајте. 

Варијанти:

Егс Ројал (лосос) Егс Флорентин (спанаќ)