Штом ќе направиш порно

Порнографијата ќе ти го промени животот. Нема начин целосно да се објасни апсолутностa, величината на оваа вистина. Ова не е работа што бавно избледува во минатото откако ќе ја напуштиш. Не е работа што можеш да ја направиш еднаш и да ја заборавиш. Оваа работа не се заборава. Кога еднаш ќе ја направиш, сите што те познаваат гледаат еден печат на тебе – веруваат дека има нешто во врска со твојот карактер или минато што е откриено.

Ако имаш многу среќа – ако околностите и условите се поклопат и ти дозволат да имаш значителна контрола врз споделувањето на твоето искуство со другите – сè уште ќе мораш да одлучиш дали да кажеш секогаш кога ќе запознаеш некого. Ќе мораш да ја пресметаш веројатноста секако да дознае, и да го смислиш бројот и комплексноста на лагите и сокриените информации кои би биле потребни за да го сокриеш овој факт. Ќе мора да го процениш и интензитетот и импактот на реакцијата на луѓето, и моќта која можат да ја добијат над тебе ако им кажеш. Ќе мораш сето ова многу брзо да го направиш, за да се заштитиш. Ќе мора да ракуваш со овие информации како со огромен меч со две острици.

Дури и да имаш среќа да имаш некаква контрола врз тоа кој знае, а кој не, сигурно некој ќе те издаде. Ќе те издаваат повторно и повторно. Твоите разголени фотографии ќе ги најдат и ќе му ги пратат на брат ти. Ќе се праќаат по мејлови кај твоите колеги од факултет. Локална телевизија ќе направи прилог за студиото за кое работиш – ќе те чекаат надвор за да те снимат додека си одиш на крајот на работното време и ова ќе го покажат на вести.

Екипа што снима документарец за некаков мејнстрим уметнички фотограф или писател, неочекувано ќе дојде на снимање еден ден и ќе те убеди да потпишеш нешто без да ти објасни што сака од тебе – ќе бидеш млад, а тие ќе бидат пријателски настроени и сè уште нема да имаш доволно искуство за да бидеш циничен во врска со твојата репутација. Нема ни да имаш размислено дали воопшто имаш некаква репутација. Нивниот филм, или фотографија, или книга во кои ти ќе се појавиш потоа ќе освојува награди, ќе се прикажува на фестивали, ќе виси во музеи.

Не си славен. Ти си изложба. Но славните луѓе, луѓето со кредибилитет и тоа како ќе те критикуваат, за тие неколку реченици со твојот глас снимен и монтиран од некој друг. Тој некој друг ќе биде некаков авторитет. „Вистински“ филмаџија, „вистински“ писател. „Вистински“ уметник. Ќе го наречат тој човек што те искористил бестрашен. Ќе тврдат дека е осветлен некаков случај. Ќе речат дека истражиле субкултура. Дека креваат некаков вел. Луѓето што ќе ги видат тие неколку секунди снимка, ќе кажат дека ја виделе твојата човечност. Каква среќа имаш, те очовечиле. Пред ова, твојата човечност била негледлива.

Не си славен. Ти си материјал. Национална телевизија ќе дојде во AVN, или XRCO, или Exxxotica и ти ќе разговараш со нив, ќе мислиш дека се од некој мал фан-блог, без да сфатиш дека тие неколку реченици што ќе ги кажеш, ќе бидат емитувани на This Morning на CBS.

Не си човек, ти си реклама. Ти си валута. Ти си изведувач, но јавноста не гледа граница кога изведуваш, а кога не.

На мејнстрим медиумите и светот си им објект. Тие ќе ти го кажат ова и ќе ти кажат дека порнографијата е таа што ти го претворила телото во предмет, а за цело тоа време ќе те нарекуваат порно ѕвезда и ќе забораваат дека имаш име. Во меѓувреме, луѓето со кои работиш, твоите пријатели кои се сексуални работници ќе бидат тие што ќе те прашаат за врската, за другите проекти, како станот, дали сакаш да пробаш едни многу јаки переци и што мислиш за книгата од Џонатан Летем што ја читаше последниот пат на снимање.

Ако продолжиш да го работиш ова, ќе стане сè потешко и потешко да имаш живот на страна. Сè повеќе и повеќе луѓето со кои што работиш ќе бидат тие што разбираат дека тоа што си во порно индустријата не им кажува кој си навистина, а обичниот свет нема да може да премине преку тоа дека ти си се соблекувал за пари.

Ќе има денови кога самата работа ќе биде тешка. Кога си уморен и те болат мускулите, или си се скарала со дечкото и на крај памет не ти паѓа да се преправаш дека си секси. Или ќе дојде ред да се плати кирија и ќе ти требаат пари, а баш тој ден ќе работиш со некој што не можеш ни да го гледаш, па ќе гледаш што е можно помалку да ви се допираат телата. Или ќе биде зима и ќе ти биде толку проклето ладно, што нема да ти се соблекува. Сите овие работи можат да се случат, можеби и во ист ден.

Ако раскажеш за ова на твоите пријатели кои се сексуални работници, ќе ти кажат дека поминале низ истото и дека е ужас и дека им е жал, и ќе те прашаат дали ти треба гушкање, џемпер или сок. Ќе ти кажат дека дечко ти е сељак и дека заслужуваш подобро. Ќе ти речат дека е катастрофа да се биде сиромашен и дека се надеваат дека ќе има повеќе работа следниот месец. Ќе кажуваат остри шеги за личноста со која мразите да работите и ќе седат до тебе во тренерки на каучот, во твојот растурен стан, јадејќи храна спремена во микробранова и ќе се смеете. Ќе ти понудат солидарност од секаков аспект.

Она што нема да го направат е да кажат: „А што друго очекуваше ако ова го работиш?“ Нема да прашаат „Каква траума си имал во детството што си го правиш ова?“ Нема да речат „Што ти е на тебе?“ Нема да резонираат дека тоа што имаш лош ден е доказ дека правиш грешка.

Порнографијата ќе ти го промени животот и нема како да знаеш, кога ќе почнуваш, на кои сè начини ќе се случи тоа. Можеби ќе почнеш со прифаќање работа што ќе ти ја понуди другар на дечко ти што има вебсајт и тогаш, кога веќе се имаш соблечено на интернет, ќе откриеш дека не е страшно да прифатиш и уште некоја работа, па почнуваш да одговараш на уште огласи, затоа што работата носи многу повеќе пари, а физички не е многу потешка од твојата претходна работа. После некое време ќе сфатиш дека прв пат во животот имаш пари во банка и дека сметките ти се платени. За прв пат можеш да купуваш намирници секој ден во неделата, не само кога ќе земеш плата. За прв пат можеш да јадеш во ресторан каде што претходно си служел. После некое време, сфаќаш и дека можеш да платиш други работи, големи работи – заостанати долгови, рати за кола, сметки од болница, школување, авионски карти за да одиш да ја посетиш баба ти. На многу начини, животот ќе ти биде полесен.

Но тогаш ќе мораш да се преселиш, а за да најдеш стан, ќе мора да најдеш и начин да му објасниш на новиот газда од каде добиваш приходи. Ќе сакаш да се вратиш во школо – затоа што сега имаш пари – но ќе ти биде страв да не те препознаат. Ќе се плашиш дури и да разговараш со надворешниот свет.

Некој маж на другата страна на планетата ќе те најде на интернет и ќе ти праќа пораки секој ден, опишувајќи колку е вљубен во тебе, но и како си се уништила. На секои неколку недели, ќе ти кажува да се самоубиеш. Некој човек некако ќе ти ја најде домашната адреса и ќе ти праќа писма дома. Друг човек ќе те препознае во продавница и ќе те следи до дома и ќе ти се дере додека влегуваш. Ќе разговараш со трет во кафич и ќе те праша што работиш, ти ќе му кажеш, а тој гласно, за сите да слушнат и да се свртат ќе ти рече „Ти си курва“.

Ќе одиш на доктор за нешто сосема неповрзано, и подоцна ќе дознаеш дека те тестирале и за ХИВ, без твоја дозвола. Ќе го направат ова дури и ако им речеш дека си се тестирал пред само една недела. Медицинска сестра ќе ти зема крв и додека ти е иглата во вена ќе ти рече дека ѝ се гади од тебе. Друг доктор, додека чекаш резултати да видиш дали абнормалните клетки на ѕидот на матката укажуваат на канцер, ќе ти рече „сакав да ти кажам да се облечеш, но веројатно си навикната да бидеш гола.“ Девојка ти, една вечер после секс ќе ти каже „Колку ќе ме чинеше тоа?“ Ќе те откачи во ресторан, и една вечер, додека срцето ти е сè уште скршено, ќе донесеш некој крупен тип дома и тој ќе ти рече „Штом си порно ѕвезда, сигурно правиш сè,“ пред да те приклешти болно на твојот сопствен кревет. Ќе те покажуваат во име на маркетинг на вести, и мајка ти ќе ти каже дека можеби е најдобро некое време да не доаѓаш дома.

Можеш да го преживееш сето ова, ако имаш имаш пријатели кои работат во секс-индустријата. Можеш да тераш, и покрај сето ова, ако имаш луѓе околу себе што ќе те потсетуваат дека навистина заслужуваш љубов и почит, приватност и граници. Дека не си осуден на пропаст и дека не треба да бидеш казнет. Дека не си одвратен. Дека си човек, и целина. Ќе научиш колку е важно да се грижиме еден за друг. Да се заштитуваме на секој можен начин. Ќе го научиш ова на еден акутен и многу болен начин кога некој од твоите пријатели нема да преживее.

И токму тоа ќе ти разбистри сè. Не да се соочиш самиот со стигмата и насилството, туку да видиш некој твој како пропаѓа. Да ги гледаш како ги обвинуваат за перверзии за време на битки за старателство, како ги издаваат и потоа ги бркаат од нивните непорнографски работни места, кога гледаш како нивните сметки во банка и добротворни проекти ги затвараат без предупредување. Кога ќе беснееш со нив против нивните партнери што им кажуваат дека никој нема да ги сака, кога во сред ноќ ќе им кажат дека се ѓубре. Кога ќе плачеш со нив откако полицијата ќе им рече дека не може да им помогне кога се силувани. Во најлошите денови, жалиш и затоа што некои умреле, а можело да се спречи и да се истражи.

Од тагување ќе ти стане јасно.

Затоа што е прелесно да се убедиш дека твоите потешкотии сам си ги створил. Медиумите, поп културата и авторитативните наративи кои те сведуваат на еднодимензионална појава ќе те натераат лесно да поверуваш дека штом си работел со секс, си ги поканил стигмата и насилството во твојот живот. Ќе биде прелесно да се прифати вината. Да поверуваш дека вредиш помалку. Но кога овие работи ќе им се случат на твоите пријатели – луѓето со кои си работел гол и си јадел роденденска торта и си останувал по цели ноќи, си плачел, љубел, беснеел, сонувал и тагувал – ќе почувствуваш опасен и правдољубив гнев. Ова е еден од начините на кои што сексуалните работници околу тебе ќе ти го спасат животот.

И колку повеќе се опкружуваш со овие луѓе за кои светот кажува дека се трагични, неподносливи или ѓубре, толку повеќе стануваш свесен за неверојатната љубов што ја чувствуваш кон овие брилијантни, отпорни, закон луѓе, и толку повеќе внатрешната вина и стигма ќе попушти. Ќе откриеш моменти на вистинска сила. Ќе одиш на повојница кај пријателка која се пензионира после долги години работа, или во кујна кај друга која што неодамна ја запознала љубовта на својот живот на снимање. Тој ќе готви нешто што прави собата да мириса неверојатно, и ќе има чинија со јагоди на масата. Некој ќе се смее. Ти ќе имаш снимано цел ден и ќе бидеш преморен, а на тебе сè уште ќе бидат вештачките трепки.

Некој ќе отвори шише шампањ, а оваа жена што познаваш толку години, ќе држи малечки бебешки алишта и во тој момент ќе бидеш сигурен дека авторитативните наративи на светот не можат да те скршат. Стануваш сигурен дека можете да се заштитите меѓу себе од овие митови.

Го знаеш тоа кога внимаваш со кого зборуваш. Кога новинарите и снимателите на документарци ќе се обидуваат да разговараат со тебе, ќе ги прашуваш од кој аспект ќе работат. Ќе ги набљудуваш, како што си научил да набљудуваш и клиенти, продуценти од индустријата и фотографи и ќе ги предупредуваш пријателите. И кога новинарите и славните креатори на документарци ќе те обвинат дека се криеш, кога ќе те обвинат дека ги избегнуваш, кога ќе речат дека индустријата е таинствена, кога ќе речат дека се ложиш на тајновитост, и ќе тврдат дека откриваат некаква си вистина, ќе знаеш дека грешат речиси за освен за едно: Да, се браниш. Се браниш затоа што знаеш за што се работи. Се браниш затоа што си уморен да гледаш како ги повредуваат луѓето кои ги сакаш. Се браниш затоа што си слушнал како зборуваат илјадници пати и ниеднаш не си слушнал мејнстрим наратив кој е достоен за моќните и комплексни луѓе кои се твоите колеги. Се браниш затоа што знаеш дека се обидуваат да те растргнат.

Не си славен. Не си очовечен. Нема да им бидеш материјал. Се браниш затоа што тоа те одржува во живот. Се браниш затоа што луѓето што ги сакаш остануваат живи затоа што се браните меѓу себе.

Лорелај Ли

19 мај 2017 - 13:04