Ако немаат вода, нека мијат коса со шампањ

Ние кај се молиме како нација да почнат луѓе да се бањаат и друг ден освен во недела, сега уште да мислиме со што сè друго може да се мие коса.

Сем Мекнајт, еден од најпознатите фризери на светот, со клиенти како Леди Дијана, Кејт Мос и Мадона на пример, кажува дека најдобро е да се мие коса со флаширана вода. Според него, плакнење со минерална вода после миењето е „круцијално“ за измивање на тешката вода и помага да се оддржи pH вредноста на скалпот. Тешка вода и вода со висока pH вредност, како што кажува, „ужасно влијае на косата“.

Колку тоа поужасно од една нормална вода, не е сè уште измерено. За Гардијан, Мекнајт има изјавено дека тешката вода содржи големи количества на калциум и магнезиум што се врзуваат со косата, правејќи ја сува и безживотна. Ова директно влијае на начинот на кој косата реагира на производи, што значи дека може и џабе да ги користите. Наспроти тоа, меката вода бара повеќе количина и време за да го измие нанесениот производ (тоа е кога одите во Бугарија на скијање и не можете да се добањате).

Не ѝ е прв пат на оваа индустрија ваквиот муабет. Потрошувачки аналитичари од Mintel веќе ја спомнуваат водата како „новиот луксуз“, плус ги вадат од памет „Водовод“ институциите ширум светот дека наскоро ќе нè снајде „waterless beauty“, термин со кој сакаат да кажат дека миењето како такво веќе нема да бара вода туку исклучиво производи за чистење и убавина. А Кристоф Робин (ги фарба Кетрин Денев и Тилда Свинтон) неодамна изјави и дека има баш точен начин да се мие коса: не повеќе од два пати неделно.

Опсесијата со совршена коса во последно време предизвикува појава на сериозни движења. Од „двојно миење“ (еднаш за измивање, уште еднаш за разубавување), до „наопачки систем“ (регенератор пред шампон, или мојот начин), стигаме дури и до сомнителното „ич немиење“ како еден еколошки одговор на трендовите.

Исто така (додека ние се тепаме за функционални купатила), светот инсталира филтри со витамин Ц и етерични масла на тушевите, за подобрување на квалитетот на кожата и косата. И овие финти не се од вчера. Жената на Нерон се бањала во млеко од магаре, Мајкл Џексон и Бритни Спирс во кади со Евиан, а меѓу позначајните ликови со бизарни бањања, дефинитивно води Елизабет Батори, која наводно се бањала во крв од 650 девици за да „остане млада“.

(Искрени) луѓе што пробале вода од неколку производители за оваа намена, не паѓаат нешто посебно во несвест од ефектот. Да, можеби има логика во хемискиот состав на водата и како тој влијае на косата и телото, но сепак, предлогот на една Дајана Вриланд што во колумна за Харперс Базар пишува „локните да си ги бањате во шампањско како што прават во Франција“ делува некако неповолно за буџетот, слободното време и логиката.

Плус, среќа па постојат и маски за коса и ботокс. Кај ќе најдеме иначе 650 девици?

 

19 мај 2017 - 12:00