Ајде да учиме за Џон Вотерс

Го најавувале како „Султанот на лигавото“, „Баронот на лошиот вкус“ и „Папата на трешот“, и тоа сакајќи да му укажат најголема чест, затоа што на режисерот Џон Вотерс тоа му е недвосмислено – комплимент. За филмот Cry Baby можеби и немаше сите да му ја сфатат поентата, да не го прифатеа тој бизарен ангажман Џони Деп и Иги Поп, и одеднаш – сè ти е јасно.

Џон Вотерс ја шокира публиката со неговите трансгресивни, култни филмови во последниве 50 години, а ние денес ќе учиме за него.

1. Пораснал со лигави филмови

Како дете, Џон Вотерс со двоглед гледал Б-класа филмови во локалното отворено кино. Со евтините филмови се родила љубовта за треш филмови и се оформила неговата естетика за тенденциозно „неквалитетни“ дела.

2. Рано почнал

Баба му му подарила 8-милиметарска камера кога бил тинејџер. Ја користел за да го сними првиот 17-минутен филм наречен „Вештерка во црна кожна јакна“. До тогаш, Вотерс веќе се дружел со една банда од шарени ликови кои подоцна ќе му играат во долгометражни филмови – најзначаен од таму е Харис Глен Милстед, кој подоцна станува Дивајн.

3. Го избркале од колеџ

Никогаш не завршил колеџ. Кратко бил запишан во филмското школо на Универзитетот Њујорк, но го избркале затоа што пушел марихуана на кампусот. Откако напуштил, се вратил дома во Балтимор, каде што го снимил Roman Candles, од 1966-та. Тоа му е прв филм каде што настапува Дивајн и идната постава на „Розеви фламинга“.

4. Имал и проблеми со законот

Вотерс и неговите пријатели биле уапсени и обвинети за „заговарање непристојно изложување“, додека снимале дел од неговиот прв долгометражен филм Mondo Trasho (1969). Се работи за сцената каде што има гол автостопер во кабриолет и е снимена на кампусот на Универзитетот Џон Хопкинс. Кај е проблемот? Вотерс не ни помислил дека треба да праша за дозвола.

5. Одговорен е за еден од најозлогласените филмови во Америка

После неколку послабо познати проекти, Вотерс го вади „Розеви фламинга“ во 1972-ра, филм што ја шокираше светската кино-публика. Гадниот филм кулминира со сцена каде што Дивајн јаде вистински кучешки гомна и беше забранет во Австралија, Канада и Норвешка.

Не го пофалија ни критичарите. „Не му давам ѕвезда на „Розеви фламинга“, затоа што тука не важат ѕвезди,“ напиша Роџер Еберт. „Не треба да се смета за филм, туку за факт, или можеби, за предмет.“

6. Прибира контроверзни ликови

Филмовите на Вотерс често се со неговата група блиски пријатели – една банда наречена Дримлендерс, според неговата компанија Дримленд Продакшнс. Сепак, јако му е да викне и осудени криминалци, како Пети Херст, осудена за поддржување на терористичка група, или поранешната порнографска актерка, Трејси Лордс.

7. „Лак за коса“ е негов

Додека филмовите како „Розеви Фламинга“, „Очаен живот“ и „Женски проблеми“ беа потајно култни филмови, Вотерс постигна голем успех со „Лак за коса“. Во филмот, Рики Лејк е дебела тинејџерка која сонува да работи на популарно танцувачко шоу. Филмот не беше богзнае колку гледан во кината, но доби една андерграунд слава кога го преадаптираа за Бродвеј – и доби осум Тони награди. Плус, римејк, со Аманда Бајнс и Џон Траволта во 2007-ма.

8. Го има и во филмови и серии

Благодарение на ексцентричниот карактер, Вотерс е попопуларен од неговите „треши“ ликови. Го имаше во „Семето на Чаки“, и бил водител на неколку емисии. Има серија за филмска антологија наречена „Џон Вотерс овде претставува филмови кои ќе ве расипат“. Ја водел и „Додека смртта не нè раздели“, серија приказни за бракови кои завршиле со убиство.

9. Стилот му е од Литл Ричард

Вотерс е препознатлив по неговиот остар, тенок брк колку што е и по филмовите. Му текнало кога имал околу 25 години затоа што сакал да личи на Литл Ричард. „Ги вадеше моите родители од памет,“ е веројатно причината за тоа.

10. Многу му се важни книгите

Собира книги и има над 8000 наслови во неговиот дом во Балтимор. „Ако отидеш кај некого дома и нема книги, не легнувај со него,“ е една негова позната изјава. Има објавено и неколку колекции есеи, мемоари и критики.

11. Визуелен уметник

Не е само режисери и писател – тој е визуелен уметник со фотографии и инсталации изложени низ цела Америка и Европа.

12. Го обожава Божиќ

Има толку силен афинитет кон празникот, што едно од поглавјата во неговата книга Crackpot се вика „Зошто го обожавам Божиќ“. Бизарните размислувања за добрите и лошите страни се и инспирација за патувачко стенд-ап шоу со наслов „Божиќ со Џон Вотерс“.

Ете ви идеја за празнична атмосфера кога ќе дојде ред.

13. Еднаш ја има шетано Америка со авто-стоп.

Во 2012-та, Џон Вотерс стопирал од Балтимор до Сан Франциско. Минатата година објави мемоар за тоа искуство, со наслов Carsick.

14. Има докторат

Доби почесен докторат од Rhode Island School of Design, а во 2015-та има одржано култен говор пред студентите:

„Време е да се фатите за работа. Вие сте на ред да правите проблеми, но овој пат во вистинскиот свет, и овој пат од внатре.“ Говорот стана вирален и објавен е во илустрирана книга наречена едноставно, Make Trouble.

15. Наводно сè уште прави филмови

Последниот филм му е A Dirty Shame, во 2004-та. Иако има изјавено дека можно е никогаш да не направи нов филм, неодамна за Wall Street Journal изјави дека има нова филмска авантура во процедура. „О, имам проект, но не можам да зборувам за тоа. Баксуз е да зборуваш за работите пред да се случат. Никогаш не сум се обидел да забременам, но исто е. Не кажуваш. Затоа што после нема да се случи.“

15 јуни 2017 - 11:27