Пати Смит за тоа како е да се биде (само) човек

На свеченоста по повод доделувањето на Нобеловите настапи и Пати Смит, која имаше проблем да ја допее песната на Дилан, за момчето со сини очи и тешките дождови кои допрва ќе паѓаат. Во текстот објавен во Њујоркер таа објаснува што му претходело на овој настан и со какви чувства се качила на сцената. Есејот е одличен поглед во умот и срцето на оние од кои очекуваме просто да се качат на сцена и да нè забавуваат.

Родена сум во Чикаго, на 30 декември 1946, во голема снежна бура. Татко ми му помагал на таксистот да ја извози Лејк Шор Драјв со ширум отворени прозорци, додека мајка ми се пораѓала. Сум била нејако бебе и татко ми работел за да ме оддржи во живот, држејќи ме над када полна пареа за да ми помогне да дишам. Ќе мислам на обајцата кога ќе стапнам на сцената на театарот Ривиера во Чикаго, на мојот 70ти роденден, со мојот бенд и моите деца.

И покрај емоционално исцрпувачката атмосфера која нè навјаса во текот на претседателските избори, се обидов да го поминам декември во позитивна работа, грижејќи се за семејството и подготвувајќи се за новата година. Но пред Чикаго требаше да завршам уште една важна обврска за 2016. Во септември бев поканета да пеам на церемонијата на доделување на Нобеловата, во чест на лауреатот за литература, кој тогаш беше непознат. Требаше да престојувам неколку денови во Стокхолм, во убав хотел кој гледа на вода - чест и можност да се блесне, да се мисли и да се пишува. Одбрав една од моите песни која изгледаше соодветна за да се изведе со оркестарот.

Но тогаш беше објавено дека Боб Дилан ја добил наградата и ја прифатил, и веќе не ми изгледаше во ред да изведувам моја песна. Се најдов во неочекувана ситуација и имав противречни чувства. Во негово отсуство, дали бев достојна на задачата? Дали Боб Дилан, кого никогаш не сум сакала да го разочарам, би бил задоволен? Но откако веќе ја имав прифатено обврската и се преслушав, одбрав да ја пеам A Hard Rain's A-Gonna Fall, песна која ја сакав од тинејџерски години, и една од омилените на мојот покоен маж.

Од тој момент постојано ја вежбав, за да бидам сигурна дека го знам секој стих. Со оглед на тоа што и син ми има сини очи, си ги пеев зборовите во оригиналниот тоналитет со задоволство и спокојство. Имав на ум да ја испеам песната точно онака како што е напишана и онолку добро колку што сум способна. Купив ново сако, ја средив косата и мислев дека сум подготвена.

Утрото пред Нобеловата церемонија се разбудив возбудена. Многу врнеше, без престан. Кога се облеков со самодоверба минав преку песната. Во хотелското лоби имаше една прекрасна Јапонка во формален традиционален фустан - везено кремасто кимоно долго до земја и сандали. Косата ѝ беше совршено фатена во пунџа. Ми рече дека е таму за да му одаде признание на нејзиниот шеф кој ја добива Нобеловата за медицина, но времето не ѝ одеше во прилог. Изгледаш прекрасно, ѝ реков, никаков ветер или дожд не можат да го сменат тоа. Додека стигнав до салата, веќе снежеше. Имав совршена проба со оркестарот. Имав моја соблекувална со пијано, и ми донесоа чај и топла супа. Бев свесна дека луѓето со нетрпение ја очекуваат изведбата. Сè ми одеше во прилог.

Помислив на мајка ми која ми го купи првиот албум од Дилан кога имав едвај 16. Го нашла на попуст и го купила со остатокот од парите. „Изгледаше како некој што би ти се допаднал“, ми рече. Ја пуштав плочата постојано, а омилена ми беше A hard Rain's A-Gonna Fall. Ми текна дека иако немам живеено во времето на Рембо, постоев во времето на Боб Дилан. Исто така помислив на маж ми и како ја свиревме песната заедно, замислувајќи ги неговите раце како ги формираат акордите.

И одеднаш дојде моментот. Оркестарот беше поставен на балкон кој гледа на сцената, каде седеа кралот, кралското семејство и лауреатите. Седев веднаш до диригентот. Вечерта течеше според планираното. Додека седев таму, ги замислував лауреатите од минатото како минуваат крај Кралот за да ги примат нивните ордени. Херман Хесе, Томас Ман, Алберт Ками. Тогаш Боб Дилан беше најавен како добитник на Нобеловата за книжевност и почувствував како срцето ми татни. Откако беше прочитан трогателен говор посветен нему, го слушнав моето име и станав. Како во бајка, стоев пред шведскиот крал и кралица и некои од најголемите умови на светот, вооружена со песна во која секој стих ги содржеше искуството и маката на поетот кој ги напишал.

Акордите почнаа и се слушнав како пеам. Првиот стих помина, малку нестабилно, но бев сигурна дека ќе продолжам. Но наместо тоа ме зафати бура од чувства, со таков интензитет со кој не можев да излезам на крај. Со крајчето на окото можев да го видам мониторот на телевизиската камера и сите високи гости на сцената и луѓето наоколу. Ненавикната на таков стрес, не можев да продолжам. Не ги имав заборавено зборовите кои беа дел од мене. Едноставно не можев да ги извадам од себе.

Овој чуден феномен не исчезна или помина, туку сурово остана со мене. Морав да сопрам и да побарам извинување, а потоа да пробам одново и пеев со сето мое битие, иако се уште д’ткав. Бев свесна дека нарацијата на песната почнува со зборовите „Талкав преку дванаесет планини во измаглина“, а завршува со „И ќе ја знам песната многу пред да ја испеам“. Додека седнував го почувствував понижувачкиот бодеж на неуспехот, но и чудната состојба на тоа дека навистина го проживеав светот на стиховите.

Подоцна, за време на банкетот, седев спроти американската амбасадорка, убава, артикулирана Американка со иранско потекло. Таа го прочита писмото од Дилан пред крајот на банкетот. Читаше без грешка, и не можев да не помислам дека тој има две силни жени од негова. Една која се зад’тка и една која не го стори тоа, иако и двете на ум го имаа само тоа како да ја оправдаат довербата.

Кога станав следното утро, снежеше. На појадокот ме поздравија голем број Нобеловци. Покажаа разбирање за мојата јавна битка со себеси. Ми рекоа дека добро сум ја завршила работата. Посакувам да беше подобро, реков. Не, не, ми одговорија, никој од нас не го посакува тоа. За нас, твојата изведба беше метафора за нашите сопствени битки. Љубезните зборови течеа во текот на денот, и на крајот морав да се соочам со повистинитата природа на мојата задача. Зошто се бавиме со нашата работа? Зошто настапуваме? Тоа е пред сè за забава и трансформација на луѓето. Сè е за нив. Песната не бараше ништо. Создавачот на песната не бараше ништо. Па тогаш зошто јас би барала нешто?

Кога маж ми, Фред, почина, татко ми ми кажа дека времето не лечи сè, но ни дава алатки за да издржиме. Сфатив дека ова е вистина и во големите, и во малите работи. Гледајќи во иднината, сигурна сум дека тешките дождови нема да престанат да паѓаат, и дека ќе треба да покажеме одлучност. Годината е при крај, на 30 декември ќе ги изведувам „Коњите“ со мојот бенд, со мојот син и мојата ќерка, во градот каде сум родена. И сите нешта кои ги имам видено и искусено и запомнето ќе бидат со мене, и жалењето кое го искусив толку длабоко со радост ќе се спои со сите други моменти. Седумдесет години моменти, седумдесет години на тоа да се биде човек.

15 декември 2016 - 10:16