Малку светлина во мракот на Чарли Брукер

Најљубовната епизода во „Црно огледало“

Има и позабавни. И со попознати глумци. И со интересни приказни. Ама во моментов не знаеме за друга серија која поставува антрополошки позначајни прашања од оваа. Третата сезона само го потврдува тоа.

Кога во 2013 во блага екстаза пишувавме за првите две сезони на „Црно огледало“ (тука) ни беше јасно дека иако жанровски спаѓа во „научно-фантастична“ таа всушност ги истражува универзалните и вонвременски човечки опсесии - љубовта, стравот од смртта, срамот, нашата меморија, сексуалните нагони - визионерски проектирајќи како технологијата ќе влијае не само врз нашето справување со нив, туку и како истите ќе ги надградува, доведувајќи ги до екстреми со кои со постоечката психо-соматска структура не сме подготвени да излеземе на крај. Нашата ментална и емотивна еволуција каска зад технолошкиот спринт, што резултира со огромни последици кои оваа серија ги предвидува со самоувереност на Делфиско пророштво. „Работите ќе се одвиваат вака“ - констатира таа, и додава - „па сега вие видете“.

Можеби веќе отрпнавме на острицата нa Чарли Брукер, aвторот на серијата, или пак тој одлучил да биде малку помек, но во третата сезона има една (една!) епизода која според својата топлина и „љубовност“ изгледа како да не се вклопува во неговите досегашни мрачни визии. „Сан Хуниперо“, иако четврта по ред во сезоната, Брукер всушност ја напишал прва, можеби и самиот презаситен од „лошото“ во од него создадените дистописки светови.

Име на измислено, магично место на калифорнискиот брег (епизодата инаку е снимана во Јужноафриканската република), тоа уште на почетокот изгледа како симулација, не само на место, туку и на време, што всушност и е. Во моментот кога влегуваме во него годината е 1987, во позадината оди саундтрак од тогашни хитови, девојките изгледаат како мешавина на Мадона и Џенет Џексон, а машките како Лимал од Кејџагугу (кој не се сеќава на него нека го гугла). Две од нив - едната поазган, другата срамежлива и со голем диоптер - почнуваат романтична врска. Нивните средби во понатамошниот тек на епизодата се случуваат во различни временски точки (осумдесетите, деведесетите, во 2002), на исто место, во магичното Сан Хуниперо, но секоја од нив завршува кога часовникот ќе отчука полноќ.

Целата приказна почнува да се разјаснува дури кога тие ќе договорат средба во „реалниот“ живот. Тогаш сфаќаме дека згодната и самоуверена Кели е всушност бабичка, на која во старечкиот дом и следуваат пет часа „терапија со носталгија“, што подразбира ментална телепортација во времето на нејзината младост, токму во Сан Хуниперо. Тое е место конструирано така за секој временски патник да си ги препознае спомените, и да добие можност да проживее нешто од своите неостварени желби, во телесна форма каква што ја имал кога бил млад и здрав. Срамежливата Јорки, пак, во реалноста е квадриплегичар, врзана за креветот цели четириесет години откако по караница со родителите заради нејзините хомосексуални склоности направила сообраќајка. Таа веќе има одлучено дека по смртта ќе се „пресели“ во ова место, сега како негов постојан жител, а не како „турист“.

Кели, иако е терминално болна и блиску до крајот, најпрвин не сака да ѝ се придружи на нејзината пријателка, затоа што „таму“, во „рајот“, го нема нејзиниот поранешен сопруг и нивната ќерка, која починала пред да се воведе опцијата за ваков трансфер. Но по некое време се предомислува, и таа и нејзината сега веќе венчана сопруга Јорки остануваат во куќата покрај океанот засекогаш.

„Технолошки асистираниот задгробен живот е единствениот кој можам да го замислам“, изјавил Брукер. И навистина, на крајот на епизодата, кога свеста (душата?) на умрените беше качена на виртуелниот „облак“, и тие почнаа да трепкаат како копче на некаков супер-компјутер, најавувајќи го новото постоење во форма на нули и единици, нивното заминување го доживеавме исто толку емотивно колку и нечија реална умирачка. Разликата е што дури и атеистички настроени некако поверувавме дека ова е (по)можно отколку задгробниот живот онаков каков што го промовираат различните религии. Па сепак прашањата остануваат - каде е точно „рајот“, кој стои на неговите порти, и како одредува кој може да влезе во него? Дали вечниот живот со неговата виртуелизација ќе стане демократска придобивка достапна секому? Или како пандан на рајскиот Сан Хуниперо ќе има и виртуелен пекол, резервиран за грешниците? Очекуваме Брукер да ни одговори во негов стил, во некоја од следните сезони.

Прекрасното финале на епизодата со звуците и стиховите на „Рај е место на земјата“, хитот од осумдесетите на Белинда Карлајл

Целиот саундтрак на епизодата, од Д Смитс, Симпл Мајндс, Теренс Трент Д’Арби, до Кајли Миног. Оние на околу 40 години можеби слушајќи го ќе се преселат, барем на неколу часа, во некое нивно Сан Хуниперо.

28 ноември 2016 - 18:16