Дебитантски роман на финско-косовски автор

Мojaта мачка Југославија

Реткост е автор со потекло од Косово да се најде, и тоа со дебитантско дело, помеѓу одбраните за превод на англиски од престижен издавач. Но дали вметнувањето на зборот „Југославија“ во наслов кој треба да асоцира на „егзотично“ потекло и тешка имигрантска судбина знае да биде и маркетиншки трик?

Југославија во 1980-тите: Среде распадот на земјата, една девојка се мажи за момче кое едвај го познава. Емине прави сè за да биде добра сопруга, но животот ѝ носи само разочарувања. Кога избива војната на Косово, таа, нејзиниот маж и четирите деца се селат за далечната Финска. Во оваа студена земја, во која странците треба со благодарност да прифатат место на маргините на општеството, животот на Емине станува уште помрачен.

Денешен Хелсинки: Беким, синот на Емине, се обидува да си најде место во финското општество. Млад имигрант и хомосексуалец, тој се чувствува како аутсајдер на повеќе начини. Толку е осамен што во еден момент купува за милениче змија-боа. Но од осаменоста на крај го вади едно друго животно.

Некаде на 50-тата страница од дебитантскиот роман, Беким среде геј фински бар среќава - мачка. Таа носи човечки алишта, потпевнува песна од Шер, и има свилено меко крзно кое прекрасно мириса. Но таа е (мачешки) себична и мрази имигранти и геј луѓе. Што бара хомофобична мачка во геј бар не е сосема јасно, но критиките за оваа книга советуваат во неа да не се бара логика, туку дека таа е „тврдоглаво недоследна“. Она што е важно е дека токму овој мачор е повод Беким да се врати во Југославија (или во она што останало од неа во меѓувреме) и да се соочи не со надреалното, туку со многу реалното минато.

Во книгата никаде не се наведува дека името на мачката е навистина Југославија, па вметнувањето на овој термин во насловот се толкува како сигнал за купувачите и книжарите дека таа се однесува на историски интересно и во многу нешта митско место. Со оглед на тоа што многу мал број косовски автори се преведени на англиски, фактот дека овој дебитантски роман е издаден од Пингвин рандом хаус е успех сам по себе, иако оригиналот е всушност напишан, и во 2014 објавен на фински. Со оглед на возраста на авторот кога била објавена книгата (дваесетина) и (веројатно) преголемите амбиции кои на моменти го оптоваруваат инаку забавното дело, полно апсурдност и хумор, во иднина се очекува тој да не се потпира само на неговото „егзотично“ потекло, туку на до крај изградени ликови и - да - подоследна нарација.

Извор: NPR

20 април 2017 - 08:42