Израелскиот автор Дaвид Гросман добитник на Меѓународната Букерова награда за 2017

Романот „Коњ влегува во бар“ е втор по ред кој ја добива Меѓународната Букерова награда по промената на пропозициите вo 2016, кои подразбираат братско-сестринска делба помеѓу авторот и преведувачот на неговото дело на англиски.

Романот кој е наречен „амбициозно одење по жица“ - добитник на меѓународниот Букер за најдобра преведена проза во 2017 - ја раскажува приказната за стенд-ап комичар под име Довалех Гринштајн, кој настапува во клуб во мал град во Израел. Дејствието целосно се фокусира на неговите вулгарни скечеви, и на причините за неговата агресивност кои набргу се разоткриваат.

Критиката високо го оцени романот по неговото објавување на англиски, велејќи дека тој фрла светлина врз последиците на тагата без каква и да е сентименталност. „Секоја реченица се брои, и секој збор има значење во овој прекрасен пример на писателска вештина“, гласи една од нив. Секако, ова не би било така доколку книгата не е добро преведена, што е токму и поентата на наградата - да им оддаде признание и на оние кои придонесуваат делата на одличните автори да останат такви и на друг јазик. Така, добитникот оваа година наградата ја дели со својата преведувачка Џесика Коен, со која има соработувано и на претходен роман, „До крајот на земјата“.

Гросман, кој во татковината е автор на прозни бестселери и детски книги, до сега е преведуван на 36 јазици и претходно одликуван со високи признанија, на пример со францускиот Орден на честа од областа на уметноста и културата. Неговиот роман беше одбран за Букеровата помеѓу 126 други наслови, од кои во финалето влегоа шест.

Меѓународната Букерова награда е воведена во 2004, како дополнување на „главниот“ Букер. До 2016 се доделуваше секоја втора година на жив автор од која и да е националност за серија дела објавени на англиски или во превод на англиски. Од 2016 таа се доделува еднаш годишно, на само една книга во превод на англиски, со тоа што наградата од 56.000 евра се дели помеѓу авторот и преведувачот. Лани добитничка беше Хан Канг од Јужна Кореја за вознемирувачката книга за жена што се прегладнува до смрт, „Вегетаријанката“. Статистиката покажува дека по нејзината минатогодишна победа, продажбата на преведена корејска проза во Британија пораснала за цели 400%.

15 јуни 2017 - 09:05