Интерактивна изложба инспирирана од „Црно огледало“ во Лондон

„Во непознатото: патување низ научната фантастика“ ќе биде отворена во јуни. Се базира врз препоставката дека современиот живот сè повеќе наликува на дистописката серија на Чарли Брукер. Што би рекле во сараевска „Аудиција“ - ш’о претпоставка, чиста вистина!

Изложбата спојува уметници, дизајнери, режисери, експерти за дигитални ефекти, музичари и писатели, кои ги истражуваат границите на реалноста преку најексперименталните дела на сите времиња. Курирана од швајцарскиот историчар и писател Патрик Гигер (Patrick Gyger), таа во фестивалски стил ќе вклучи и класични научно-фантастични нарации, но погледнати од нова, глобална перспектива.

Од оригинални ракописи на Жил Верн, преку сценографии и реквизити од филмови како Војни на ѕвездите, Ѕвездени патеки, Дистрикт 9, Џурасик парк, Екс Макина и Марсовецот, до разгледници и реклами кои ја промовираат советската визија за космосот, таа минува долг пат од 19 век до најновите проекции за градови на иднината и внатрешни пејсажи на човечката перцепција. Поделена е на четири павиљони - Невообичаени патувања, Вселенски одисеи, Храбри нови светови и Крајни граници. 

На инспирацијата за изложбата - серијата „Црно огледало“ (за која пишувавме тука и тука) - ѝ е посветено посебно место на влезот на уметничкиот центар Барбикан каде ќе се одржува изложбата. На инсталација со повеќе монитори ќе се вртат сцени од епизодата „15 милион заслуги“ од 2011, во која жителите на некој иден (?) свет кои сакаат да станат ТВ ѕвезди во риалити шоу мора да заработат одреден број поени, секојдневно и со часови вртејќи статичен точак.

Во текот на изложбата ќе бидат оддржувани и дискусии организирани од научното списание New Scientist, а партнер е и издавачката куќа Pinguin Classics, која по овој повод ре-издаде некои од класичните научно-фантастични дела, како „Војна на световите“ и „Временска машина“, но и некои од поновите наслови, како серијата за Доктор Ху.