Сечење со причина

Хазардни дрвја

Некои од нас што имаме силни чувства кон дрвјата и шумите, мора да си ги урамнотежиме тие чувства со разумот. Фактите велат дека, иако се долговечни, дрвјата сепак си имаат крај, време кога откажуваат животните функции и тие побрзо или побавно се распаѓаат, умираат. Ако не го сфатиме исправно ова, може да отидеме во друга крајност – да чуваме дрвја кои се опасни по живот! Некаде се оди на суд за ова. А, ако некој човек или дете настрада поради наше дрво кое по секоја цена сме го чувале, предоцна е веќе за суд... 

„Хазардните дрвја“ (ова е мој термин, транслитерација од англиски), може да ги наречеме и „опасни дрвја“. Но, мислам дека терминот „опасни“ не е доволно прецизен бидејќи, зборувам од искуство, некои се плашат и од потполно безбедни дрвја. По дефиниција, хазардни дрвја се оние што се мртви, или се на умирање, и/или имаат мртви делови (особено големи и на голема висина), и/или се нестабилни (нарушена статика или други дестабилизирачки фактори) во чиј радиус има луѓе или имот („цел“). Клучен збор во дефиницијата е ЦЕЛ (нешто на коешто може да му наштети).

Потребни се години за да се стане стручњак за препознавање хазардни дрвја. Сепак, и еден начитан сопственик на дрвја, може да препознае некои од поважните симптоми. Рековме дека во погорната дефиниција, најважен збор е „ЦЕЛ“. Мртво дрво во шума, далеку од некоја цел, не е хазардно дрво. (Просто, нели?). Но, големо мртво дрво, со големи гранки, покрај улица или игралиште, има многу потенцијални цели. Дрвјата, особено градските, треба да се проверуваат еднаш годишно за да се утврди дали имаат мртви делови, пукнатини, слаби споеви, срасната кора, трулеж, рак или повредени корења. Некои дрвни видови се посебно деликатни. На пример, копривката има склоност да формира слаби споеви со срасната кора, што ја прави нежна на кршење.

Сериозни дефекти кај дрвјата кои имаат ЦЕЛ се:

  • Избојци од кастрење („обезглавување“/“topping”)
  • Кабли под напон во близина
  • Скршени гранки (било целосно било делумно)
  • Слаби споеви
  • Дупки и пукнатини на деблото или гранките
  • Мртви гранки и гранки на умирање
  • Гранки кои имаат иста заедничка основа при деблото
  • Печурки, трулеж и исцедок од рани
  • Неодамнешни градежни зафати во близина + насип или ископ на земја

Пукнатини

Процепи во кората кои достигааат до дрвото под неа. Тие се сериозен симптом што покажува дека дрвото веќе почнало да умира. Ако има пукнатина која е доста длабока или минува целосно низ дрвото, особено во комбинација и со други симптоми, не треба да се чека.

Слаби споеви

Воглавно, што поголеми агли на споевите на гранките, тоа подобро. Но, ова не важи за сите видови дрвја. Затоа, треба стручен преглед.

Срасната кора

Обично на места на слаб спој. Ако е на примарното рачвање на стеблото, особено во комбинација со слаб спој, пукнатина или друг дефект, треба да се интервенира. Како и со сите други набројани фактори, соодветно обликување во младоста е најдобрата превентива.

Трулеж

Станува збор за напреден трулеж: дрво со дупка/-и, меко, ронливо дрво, лош мирис и/или печурки по стеблото, гранките или по земјата во близина. Некои дрвја (особено меки и кршливи видови) не треба се чекаат многу. Ако воочите вакви симптоми, потребна е брза интервенција, особено ако има и други симптоми, како слаби споеви и срасната кора.

Печурки

Некои од печурките што растат на дрво се многу убави на око, некои се убави и за јадење, но и тие го јадат дрвото! За вас би требало да се аларм за итен преглед а веројатно и итна интервенција!

Скршена и болна бреза, со меко, влажно гниење, присутен бел мицелиум на габата („конци“)   до самиот корен, обојување на срцевината и присутни „печурки“ од габата („тратови“).          На скршениот дел горе беше толку скапана што се ронеше како стар картон. Уште малку    да се задоцнеше со интервенција, немаше да биде безбедно да се работи на дрво.               Беше „хазардна“, бидејќи имаше гаража и ограда под неа („цел“).

                                Оваа мртва липа, иако не е голема, претставува опасност,                                бидејќи е на многу прометно место. 

Симптоми на хазардно дрво надвор од град:

  • Неодамнешни градежни зафати, менување на нивото на подлогата, сечење дрво/-ја во негова непосредна близина
  • Случаи на хазарди со други дрвја во близина
  • Надвиснати дрвја (над цел)
  • Дрвја со слаби споеви, со делови над спојот еднакви по големина
  • Мокар терен со плитка почва

Една важна вистина која ќе ни помогне да си ги урамнотежиме чувствата во врска со сечењето хазардни дрвја е познавањето на фазите од животот на големите дрвја (наскоро ќе напишам нешто и за ова). Уште еднаш: дрвото си има век. Ако предизвикува опасност, и тој век нема да го исполни до крај. Тоа е цената што ја плаќаме за да живееме во град, тоа е цената на живеење набиени еден до друг, цената на урбанизацијата, една од најголемите грешки на човекот. Во град, дрвја кои ќе си го исполнат целиот свој животен век се права реткост. Овде-онде ќе се најде по некое старо дрво, главно во некој од поголемите паркови (ама и тоа треба да се знае како да се одржи). Може да се најдат и неколку заштитени и оградени стари дрва и среде град, но ретко кога вон верски објект.

Дејан - дрвосечач и градинар на ФБ