Како Американците потрошија 3400 милијарди долари на здравство за една година

Сумата е еднаква на 18% од БДП-то на земјата, што значи дека во САД во 2016 секој шести долар потрошен бил на здравство, што е повеќе отколку која било друга група вклучувајќи облека, храна, живеалиште, па дури и војска. И пак не им се сите луѓе осигурани.

Ако овие 3400 милијарди се поделат рамномерно на секој жив државјанин на САД тоа би значело дека секое бебе, дете, жена, маж, млади, стари имаат потрошено по 10.350 долари. Во пракса не изгледа така, и најголемиот дел од трошоците се концентрирани на многу мал сегмент од популацијата: луѓе со хронични болести, плус жртви на несреќи или насилен криминал.

"Трошоците се толку концентрирани, што се проценува дека на 5% од популацијата одат 50% од вкупните медицински трошоци," пишува Т.Р. Рид во Атлантик.

Друга група на која отпаѓа голем дел од трошоците се пациенти пред умирање, "стотици милијарди долари годишно се трошат на лечење на Американци кои се во последните недели или денови од својот живот".

"Голем број луѓе умираат во болници - во многу случаи, токму откако минале многу скапа операција, терапија и лекови. Околу една третина од Американците направиле операција во последниот месец од својот живот," објаснува Рид.

Маката на Американците не е само во тоа што нивниот проблем има ексел решение (зошто да се плаќа за 94-годишен пациент да може да дочека 95 години, кога за исти пари може да им се помогне на двајца пациенти два пати помлади од него) ама не и човечко (како тоа ќе оставиш 94 годишен човек да умре), туку затоа што во другите развиени држави не само што има гарантирана здравствена заштита за државјани и странци, туку таа ги чини и 50% помалку по глава на жител.

Рид како пример го дава британскиот здравствен систем кој обезбедува бесплатна здравствена заштита за 62 милиони Британци и 12 милиони странци што живеат на островот. Севкупно луѓето што се под нив имаат подолг животен век, помала смртност на новороденчиња и донекаде подобри здравствени статистики отколку САД, по далеку пониски цени. Исто така и Британците имаат огромни трошоци за лечење на хронично болните и старите.

Она што Британците го имаат, а Американците не, е Националниот институт за здравје и клиничка изврсност (National Institute for Health and Clinical Excellence - NICE). Ова е органот кој одлучува дали 94-годишен човек треба да добие операција за замена на колк, или дали пациент со рак треба да добие лекарства во износ од 40.000 долари кои би му го продолжиле животот за 4 месеци (во просек). ("Во Британија, одговорите, генерално, се 'Не.'")

Кога одлучуваш за човечки судбини, природно е некои твои одлуки да навлечат гнев. Така кога НИЦЕ решава дека на една келнерка не треба да и биде покриена терапијата за рак од 36.000 долари, затоа што конкретната терапија обично не помага со таа форма на рак, тие завршуваат расчеречени во таблоидите.

Американците веќе имаа подготвени и разработени слични системи базирани на математички пресметки што одлучуваат кој третман или лек вреди да биде покриен - КАЛИ и ДАЛИ (Quality-Adjusted Life Year - QALY; Disability-Adjusted Life Year - DALY). Овие системи би процениле дека трошење пари на стар, астматичен пациент со Алцхајмер на апарати за да му се продолжи животот за 9 месеци, не е корисно како што би било трошење на истите пари за 9 месеци претпородилна грижа за сиромашна и неосигурана мајка.

Американците кои не се "економисти за здравствена заштита" со тек на време развија отпор кон овие концепти, па тие сега се доживуваат како рестрикција на здравствената заштита, "панели на смртта" и слично.

"Факт е дека секоја нација секојдневно има рестрикции на здравствената заштита. Ниту една земја - дури ни најбогатите нафтени кралства - не можат да си дозволат да платат за секоја напредна хируршка процедура и за секој скап лек што модерната медицина знае да го обезбеди. Соодветно на тоа, системите за здравствена заштита постојано прават избори - рестрикции - за тоа кои третмани треба ќе ги платат," пишува Рид.

19 јуни 2017 - 11:52