Интервју на Prison Photography со Пипин

Битолчанецот што ги фотографира бразилските затвори

Роден и растен во Битола, а оженет и живее во Бразил, Милчо Пипин добива пристап за фотографирање во Централниот затвор на Парана, сместен во Куритиба, Бразил. Во затворот има 1.500 затвореници, а Милчо објаснува дека "и покрај честите проблеми со пренатрупаност и нестабилните услови во него, овој затвор во никој случај не е најлошиот во Бразил." Во соработка со криминологот др. Маурисио Стегман Дитер, Пипин ја прави фотосесијата "Locked Up."

Prison Photography: Зошто сакаше да фотографираш во Централниот затвор?
Милчо Пипин: Сè започна заради татко ми. Тој 30 години беше инспектор за странски криминал / гранична контрола во Македонија. Имаше многу случаи. Неговото чувство за сеопфатност кон сите социјални класи ме инспирираше да фотографирам во затвор.

ПП: Каков е ставот кон затворите и затворениците во Бразил?
Др. Маурисио Стегман Дитер: Непријателски и циничен.

ПП: Што мислат Бразилците за затворите во САД?
МСД: Освен неколку истражувачи (професори по криминологија и кривично право), најголемиот дел нема поим.

ПП: Какво мислење имаа вработените во затворот за тебе и твојата камера?
МП: Како што не' информираше директорот на затворот, минале над 40 години откако некој медиум влегол во затворот, и ова беше шокантно за мене. Затоа кога влеговме, на вработените не им беше најјасно кои сме ние, и како дојдовме таму и што ќе правиме внатре со опремата за фотографирање.

Им објаснив дека ова нема никаква политичка цел и дека е само уметнички проект - за фотографирање на животите зад бодликавата жица. Подоцна, расположението на вработените се промени и доста ни помагаа околу затворот и во запознавањето со затворениците.

ПП: Колку долго бебињата можат да останат со мајките? До колку години?
МСД: Од раѓање до 6 месеци. По ова, тие ги гледаат само еднаш дневно до 4 часа.

ПП: Од 1.480 затвореници, колку се мажи а колку се жени?
МСД: 1116 се мажи, а 364 се жени. Сите во посебни одделенија.

ПП: Што мислеа затворениците за твојата фотографија?
МП: Првиот ден беше најтежок. Имавме краток брифинг со затворениците, околу проектот и почувствував дека некако не ги интересира, бидејќи се уште не беа сигурни дека ова не е во политички цели.

Им објаснив дека единствената работа што ме интересира е да ги фотографирам додека ги изразуваат своите чувства, и потоа да му го покажам тоа на надворешниот свет. Најголемиот дел од нив си излегоа од брифингот, само седуммина останаа.

Им го покажав моето печатено портфолио на тие што останаа, и чув како еден од затворениците вели: "Ок, ајде да се сликаме!" Како што почнав да ги фотографирам еден по еден, тие почнаа да шират за целата работа и се зголеми интересот за фотографирање и кај другите затвореници. Речиси сите беа пријателски расположени кон нас, со неколку исклучоци.

ПП: Дали затворениците ги видоа фотографиите или ги добија отпечатени?
МП: Фотографиите ги видоа на апаратот веднаш по сликањето. Им дадов линк до мојот сајт за да може нивните семејства да ги видат на интернет. Им ветив дека ќе им ги дадам отпечатени, и сигурен сум дека наскоро ќе ги добијат. Се уште има многу фотографии што се пред финализирање, па ќе можам да ги отпечатам и да им ги испратам на сите што соработуваа со мене.

ПП: Милчо, како мислиш дека фотографиите може да го променат нивниот став?
МП: Хммм, низ фотографиите се надевам дека луѓето ќе може да визуализираат, да почувствуваат и да разберат дека кај сите нас постои ризик да направиме некое кривично дело, намерно или не, во секој дел од нашите животи, и да бидеме осудени и за тоа да лежиме казна. Заради тоа треба да ја цениме нашата слобода, бидејќи тоа е само една од големите работи кои обично не ги цениме додека не ги изгубиме.

Никогаш не знаеме, иднината е коцка.

Фотогалерија од Locked Up на Пипин.

9 октомври 2014 - 15:43