Ќути што не сме генијалци

Лудата страна на најпаметните меѓу нас.

Питагора


Еден од најголемите математичари на сите времиња, чија теорија е суштина на тригонометријата, целиот живот се обидувал да ги објасни природните феномени по математички пат. Нему му се припишуваат бројни откритија во областа на музиката, астрономијата и медицината. Не сакајќи да ги ограничи неговите идеи на материјалниот свет, Питагора верувал во реинкаранција на душите и промовирал вегетаријанство и пацифизам.
-------------------------------------
Сепак, имал и некои откачени идеи. Верувал, на пример, дека гравот е направен од истиот материјал како и луѓето, и дека затоа тој не треба да се јаде. Опсесивно ја измазнувал постелнината по станувањето од креветот, никогаш не минувал преку попречна греда, и не дозволувал под кровот да му се гнездат ластовици. Питагорејците биле тајно братство кое ги следело постапките на нивниот идеолошки татко, и веројатно исто како и него си ускратувале тавче гравче. Дополнително, верувале дека мажите и жените не треба да се парат во лето, туку дека тоа треба да се прави само во зима. Веројатно за да се намали работата околу мазнењето на креветот.

Семјуел Морз

Го измислил првиот електричен телеграф и Морзеовиот код. Пронајдокот извршил револуција во сферата на комуникацијата.
------------------------
Kако и многумина други истакнати научници од негово време, Морз бил расист и параноик. Во 19. век тој го предводел антикатоличкото и антимиграциско движење, и неуморно работел на обединување на протестантите против католичките институции. Во неговото дело „Аргумент за етичката оправданост на ропството" напишал: „Ропството самото по себе не е грев. Тоа е општествена состојба која постои од почетокот на светот заради највисоки благопријатни и дисциплински цели, воспоставени од Божествената мурост. Самото поседување робови нема никаква врска со нечиј морален карактер, туку тоа е исто како да си нечиј родител, работодавач или владетел".

Јоширо Накаматцу


Можеби не сте чуле за него, но тој е најплодниот пронаоѓач на светот, со над 3,000 регистрирани патенти - од караоке машини, флопи дискови, ЦД-иња, дигитален часовник, но и автоматски кревач на капак на ВЦ и, последно но не најмалку важно, кондом со вграден магнет кој го зголемува сексуалното задоволство. Но, неговата генијалност си има и своја цена.
--------------------------------
Тој го опишува сопствениот креативен процес на следниов начин: пушта музика и потоа гњури длабоко, задржувајќи си го здивот до пола секунда пред да испушти душа, за во тој миг да му се укаже брилијантна идеја. Исто така има сериозна намера да живее до 144 години, што може и да му се оствари бидејќи спие само четири часа и се придржува кон строг режим на исхрана, кој секако самиот си го има препишано.

Џон Харви Келог

Таткото на житариците за појадок, кои се принесуваат секојдневно на астали низ светот.
--------------------------------
Но тој не промовирал само здрава исхрана, туку и строго сексуално воздржување, кое ја вклучува и мастурбацијата. Е сега доаѓа поентата - неговите цереалии токму тоа и требало да го направат, да ви го смалат либидото.

Колку и да верувал во важноста на првиот оброк во денот и влијанието кое може да го изврши во оваа смисла, Келог не бил до толку будала дека тоа може да реши еден толку сериозен проблем како што е сексуалниот мерак. Дополнително, препорачувал ставање киселина на женскиот клиторис, врзување на рацете и на машко и на женско и зашивање на машката кожичка.

Ако сево ова не ве спречи во тоа и утре да појадувате корн флејкс, ви честитаме на непоколебливоста.

Емпедокле

Древен грчки филозоф кој сметал дека светот се состои од четири елементи - оган, вода, воздух и земја. Имал значајни идеи во врска со оптиката, како на пример онаа дека светлината патува со брзина на...светлината, дека воздухот е исто така супстанца и дека Земјата е сфера. Аристотел го сметал за татко на реториката. Ама..

----------------------------------
Тој верувал дека е бог, и за да го докаже тоа, се фрлил во активен вулкан, Етна. Излегло дека сепак бил смртен.

27 мај 2014 - 15:28