Жената што го заузда монструмот

Иако нешто од стомак ни вели дека и самото судење е одвишен луксуз за еден таков монструм, утеха е што процесот не се одвива онака како што Брејвик замислуваше, со себе како главна ѕвезда во шоуто. Претставата му ја расипа една извонредна обвинителка.

Андерс Брејвик кој одговара за убиство на 77 недолжни луѓе со нетрпение очекувал да започне судењето за да може да го претвори во шарада во која тој ќе ја објаснува својата кауза и мисија да ја спаси Норвешка и Европа.

Оттука неговиот помпезен поздрав со дигната тупаница, оттука неговото тврдење дек не го признава судот, дека бара или смрт или слобода, дека не жали за 8-те луѓе во Осло ниту за 69-те невини жртви на островот туку дека жали што не ја ликвидирал целата норвешка влада и сите 564 луѓе кои биле присутни на денот на неговиот масакр.

Брејвик се обиде да ја убеди јавноста дека тој е дел од "крстоносен поход" во кој е примен со "витешки обред" и дека во таа мисија не е сам туку дека само во Норвешка постојат "барем уште две ќелии" кои се подготвени да ја продолжат "каузата".

Но, спроти себе ја има Инга Бејер Енгх, 42 годишна обвинителка која воопшто не влегува во материјална расправа за она што тој сака најмногу да го зборува - мотивите и оправданоста на злосторот - туку систематски и педантно го докажува спротивното, дека сето тоа витештво, крстоноство и мистериозни ќелии се плод на фантазиите на еден јаден и недозреан човек. 

Притоа, случајот го има документирано на 11. 000 страници кои маестрално ги владее па кога Брејвик ќе спомне дека минал сериозна обука, таа вади податоци дека обуката му траела само 30-тина часа. "Што сте можеле сериозно да научите за толку време?" ќе го праша Енгх обвинетиот а овој нема одговор.

Тужителката осоебно успешно ја минираше приказната на Брејвик за неговото влегување во Витешкиот ред на Темпларите, при што тој инсистираше на театрални детали од типот дека сите носеле свечени одори и бели ракавици. Енгх докажа дека таквата средба можела да заврши евентуално со испивање пива од шише по што и Брејвик призна дека "можеби малку помпезно се изразил".

"А кога ќе се тргне таа помпезност, што останува?" поентираше таа.

Сите нејзини забелешки водат кон заклучок дека монструозните злостори се дело на една недорасната и фрустрирана личност која својата крволочност ја вежбала на компјутерски игри и во своите пубертетски фантазии мечтаела за некаква цврста мрежа на соработници за каузата. Не постои никаква завера ниту мистериозност, постои само еден емотивно и интелектуално немоќен јадник кој не можел да најде партнер или партнерка за било што, дури ни за злодело.

Авторитетното однесување на обвинителката веќе остава трагови во однесувањето на Брејвик. При влегување во судница сега го "заборава" својот идиотски нацистички поздрав а сè почесто ја моли таа "помалку да се труди да го направи смешен".

Во секој случај, можни се два епилога од ова судење: или тој ќе биде проценет за пресметлив па ќе ја добие максималната затворска казна од 21 година или ќе биде прогласен за ментално пореметен па ќе биде упатен на психијатриско лечење каде на секои три години комисија ќе треба да дава негативен наод за неговата рехабилитација за да може да се исполни каква - таква правда, Брејвик до крајот на животот да не може да се врати слободен во толерантното норвешко општество.

24 април 2012 - 07:22