Швицарска, скоро па нормална

Швајцарија не ѝ дала државјанство на една жена само затоа што многу го тупи за правата на кравите. Еден Косовар по тренерки ептен ќе разбере како ѝ е.

Жената е автор, новинар, модел, студира драматургија и е веган. Родена е во Холандија но од 8 годишна возраст живее во Швајцарија.

Сограѓаните ја знаат како голема уста и тука е нејзиниот проблем: според швајцарскиот закон, пријавата за државјанство треба да ја поддржи комисија од округот каде што живее кандидатот. Комшиите на женава одбиле да ѝ дадат зелено светло заради културолошки причини, односно затоа што е удав на темата со кравите.

А Ненси Холтен со години се бори за правата на кравите во Швајцарија, да ги ослободат од носење на оние ѕвоната околу врат.

Нејзиниот аргумент: ѕвоната на кравите им предизвикуваат физичка болка и психички стрес.
Швајцарскиот аргумент: кравите изгледаат супер со ѕвона и отсекогаш биле така и ништо не им е и аман.

Ова не единствената тема на која таа ѝ парала уши на околината: имала и иницијативи за укинување на традиционалните трки со прасиња и поднесувала претставки дека ѝ пречат црковните ѕвона. Уште само за Линт чоколатцата нема мрчено.

Холтен не е првата на која е одбиено барањето за државјанство порад исти "културолошки причини" кои се темелат на проценката на комшилукот. На Косовар и неговото 4 члено семејство, инаку вредни и мирни луѓе кои течно зборувале германски  јазик, лани соселаните им дале негативна рецензија дека не се доволно Швајцарци затоа што везден се шетале по тренерки низ селото во кое живееле веќе 10 години.

А во 2014-та година, еден Американец кој во Швајцарија живеел цели 43 години не станал државјанин само затоа што не успеал да ги наброи сите езера во округот.
 

12 јануари 2017 - 13:09