Сексот на рецепт ги подели Германците

Иако видоа дека Македонија веќе смисли субвенции за све живо и диво, германската партија на зелените сепак најде тема која ние сè уште ја немаме покриено - државата да плаќа за секс со проститутки. Е, тоа е клиентелизам.

Во само десетина денови од оваа година, Партијата на зелените успеа дури трипати да го разгневи остатокот од германската политичка сцена.

Прво со критики на полициските патроли низ Келн за време на новогодишната ноќ, потоа со идејата за поставување унисекс тоалети во јавните згради а сега предлагаат и државата да плаќа за секс со проституки на граѓани кои не можат да си го дозволат тоа.

Со други зборови, ваквиот секс со професионалки да падне на товар на здравствениот буџет. Според нивниот концепт, за да искористи ваква субвенција, лицето треба да приложи медицинска потврда дека не може да постигне сексуално задоволство на други начини како и докази дека материјалната состојба не му дозволува сам да ја плати услугата.

"Можам да замислам државно финансирање на сексуалната асистенција а локалните власти да понудат информации за тоа каква е локалната понуда за таа услуга. Слично нешто постои во Холандија," изјави портпаролка на Зелените.

Од идејата се зачудија дури и други членови на партијата како што е нивниот градоначалник на Тубинген кој рече:

Може ли нашите парламентарци некогаш да си ги сочуваат за себе своите добронамерни идеи за да не нè сметаат сите за лудаци кои како да паднале од друга планета?

А луѓе од професиите кои се занииаваат со заштита и нега на постари лица и лица со хендикеп оценуваат дека постојат многу поважни работи со кои може да им се помогне на тие луѓе.

Во политичките турбуленции создадени од мигрантските предизвици и безбедносните проблеми германските Зелени не се снаоѓаат баш најдобро па нивниот рејтинг е во благо опаѓање.

Инаку, во Германија проституцијата е легална и речиси во секој град постојат јавни куќи кои нудат секакви жанрови на сексуални задоволства, само што сега ќе треба да отвораат и одделенија за клиенти со зелени картони.

10 јануари 2017 - 08:53