Креационист го тужи Големиот Кањон за верска дискриминација

Националниот парк не му дозволувал на еден од претставниците на креационизам на млада Земја (дека планетава е стара колку библијата) да собира карпи од кањонот бидејќи го мразел заради неговите верски убедувања.

Верски потиснатиот е Ендру Снелинг, човек кој не само што верува во тоа дека планетава е стара само неколку илјади години туку и истото и го предава, а организира и тури со библиска тематика низ Големиот Кањон.

Снелинг верува дека Големиот Кањон е формиран по поплавата на Ное, и тврди дека американските власти го блокираат неговото истражување, заради ваквите негови гледишта.

Во тужбата од минатата недела наведени се управата на паркот и министерството одговорно за федерално земјиште и природни ресурси, бидејќи не му издале дозвола за собирање на 50 до 60 карпи со големина на тупаница. Во исто време во кањонот се одвиваат околу 80 истражувачки проекти годишно, на теми од археологија до следење на движењето на пастрмката.

"Служба за национални паркови: Истражувањето во Големиот Кањон е дозволено за геолози... ама не за христијански", е насловот на соопштението за јавноста од Алијансата за одбрана на слободата, про-христијанската група што ја поднела тужбата во име на Снелинг.

Самиот кањон и истите оние милијарди години стари карпи во кои геолозите гледаат очигледен доказ за слоеви камен кои се издлабени од постојаниот тек на водата, за верниците во креационизам на млада Земја е доказ за слоеви кои се створени по поплавата на Ное. Според овие вториве, како што се повлекувала поплавата, водата е затворена во природно оформени брани, за кога конечно ќе пробие во "катастрофална ерозија" да го оформи Големиот Кањон. Ова исто така е и официјалната приказна раскажувана на екскурзиите налик оние што ги предводи Снелинг.

Во преписката со Снелинг, претставниците на паркот објаснуваат дека една од причините зошто не му е издадена дозвола е што типот на карпи што тој сака да ги собира се достапни и вон Големиот Кањон. Исто така од паркот ангажирале и тројца геолози кои требало да го ревидираат барањето на Снелинг, и сите тројца ја отфрлиле неговата работа како научно невалидна, еден од критериумите што паркот ги користи во оценувањето на предлозите.

18 мај 2017 - 17:10