Умешност на резилење

Како лажните вести не му помогнаа на Трамп

Додека Русија е под здружен бараж од секоја можна американска разузнавачка агенција дека успеала да направи травестија од најголемата и најстабилна демократија на светот, и истата да ја уништи со наплив на вистини, некако спласна целата фама за лажните вести што помогнале во изборот на Трамп. Сепак Вокс наоѓа една интересна фалинка во целиот муабет околу лажните вести и нападите на Хилари.

Како што тие забележуваат лажните вести како такви не се ни најмалку нови, а и самата Хилари веќе со години е мета на излудени напади од типот дека има посвоено дете вонземјанин и слично.

Плус, анкетите за време на изборната кампања покажуваат дека лажните вести не само што не стигаат до гласачите, туку и да стигнале тие не се наоѓаат меѓу приоритетните забелешки што гласачите ги имаат со Хилари.

Истражување на Галуп од крајот на јуни, ги прашува гласачите што имаат прочитано или чуено за Хилари. Меѓу одговорите речиси секогаш на прво место се мејловите на Хилари.  Самите меинстрим медиуми имаат посветено повеќе време во вестите на мејловите на Хилари (82 минути), отколку на сите останати политики на Хилари заедно (32 минути).

Тука на ред доаѓа умешноста на резилење на Доналд Трамп, кој, може пресметано, може не, речиси секој втор ден прави скандал. Иако глупо за да биде официјална стратегија, ова прво ја преоптоварува секоја нормална новинска редакција, која не може да оддели доволно ресурси за коректно и длабоко испитување на проблемот, и второ, прави гласачот и гледачот да не може да пофати кој е најнов скандал што тој го направил. Па во ваква ситуација додека сите (новинари и гласачи) го бркаат последниот скандал на Трамп, истите тие (новинари и гласачи) лагодно се сконцентрирани и копаат по единствената афера на Хилари - мејловите.

10 јануари 2017 - 15:09