Повикот на вечниот фашизам

Од воведот за најавите за снимање на филм за воениот злосторник Жељко Ражнатовиќ Аркан: Филмот би требало да се снима во Америка, Роберт Де Ниро наводно би го глумел Милошевиќ, Ева Мендез го има ликот на Светлана Ражнатовиќ, а за Аркан се уште не е најден адекватен глумец.

Од минатата есен, српскиот "Völkischer Beobachter" кој излегува под името "Информер", адаптиран за домашната публика која го следи животот и делото на премиерот и неговата партија, почна да ја пласира темата за наводното снимање на филмот за воениот злосторник и криминалец Жељко Ражнатовиќ Аркан. Филмот наводно треба да се снима во Америка, а распоредот на улогите ќе биде следниот: Роберт Де Ниро како Слободан Милошевиќ, Ева Мендез како Светлана Цеца Ражнатовиќ, додека за Аркан се уште не е најден адекватен глумец. Филмот би се снимал по книгата на Владимир Ѓорѓевиќ "Аркан" кој воедно ги пласира овие приказни преку споменатиот медиум. Работниот наслов е "Тигарски скок," додека сижето би требало да ја интегрира пошироката приказна за пропаста на државата и подемот на гангстерот, како што тоа сакаат да го кажат домашните медиуми, по моделот на познатиот "Кум" на Копола. Инаку, ова филмско остварување беше на врвот на топ-листата на сите домашни криминалци, олоши и убијци во текот на деведесеттите, што го потврди и личната исповед на овие протуви во документарниот филм на Јанко Баљак "Видимо се у читуљи."

Значи остана да се види кој со Ева Мендез ќе ги одглуми кадрите од "српската свадба на векот." Редот е, барем така мисли домашната естрада, овој некој да се избере од домашните актери: Сергеј Трифуновиќ, Петар Стругар или Бранислав Лечиќ. Меѓутоа, излезе дека секој од нив сам би платил да ја одигра оваа улога, па макар и информацијата за овој филм да е лажна. Глумецот Сергеј Трифуновиќ од претходно е познат како некој што сака да биде во круговите на контроверзни фигури како убиецот Милорад Луковиќ Легија, или да се појавува на роденденските прослави на вдовицата на Аркан. Но сепак, како што истакнува Информер, последниот збор ќе го има Светлана Цеца Ражнатовиќ. А она го предложила својот пријател, актерот од средна генерација Вук Костиќ.

Приказната со глумците од секогаш била лажлива. Во најголемиот дел од случаите, тие се појавуваат како скапо пакување за содржините кои некој од режисерите или продуцентите ќе ги излее во нив. Сите наброени глумци на домашната јавност и се познати како дел од т.нр. урбана сцена. Некои од нив имаа интересни улоги во урбаните минијатури на Радослав Андриќ (Молњи или Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур), или кај посериозни режисери како Срдан Голубовиќ (Апсолутни сто или Кругови) или кои конечно од улогите на бунтовни момчиња стигнаа до политички ангажирани фигури во демонстрациите против Милошевиќ, како што тоа беше случај со Бранислав Лечиќ. Што е тогаш она што ваквите глумци ги стави во позиција да не можат да одолеат на фасцинантниот сјај на фашизмот, кој фигурата на воениот злосторник Аркан така примерно го олицетворува?

Од таму и радоста на Вук Костиќ, кој по предлог на Светлана Ражнатовиќ треба да го одигра "нејзиниот Аркан" отвора уште поголема енигма. "Фала и на Цеца, другар мој" коментира Костиќ "стварно е убаво да се каже дека би можел да одиграм таков човек, мислам силен човек, со тој карактер и тој темперамент. Тоа е пофалба. Тоа е човек кој таа најмногу на свет го сакала и кога она вели дека ја имам таа енергија, ми годи." Ама што во улогата на Аркан може да му годи на некој што е оформен на урбана култура, музика и филмови? Тоа е прашање и за сите оние проевропски ориентирани млади луѓе, кој вечерната забава ја завршуваат на полноќ со сет стандардни од Цеца. И тоа не само во Србија.

Аркан и Светлана Ражнатовиќ се пар кој во Србија во 90-те функционира трендсетерски. Тие ја патентираат новооткриената национална традиција и беа измислени Срби. Според нив мораа да се рамнат сите оние кои немаа ништо друго освен фактот дека и припаѓаат на заедницата која во своето средиште ги реконструира примордијалните култови на патријархалност, презир кон модерното, третирање на поинаквото мислење како предавство, востоличување на фигурата на херој, воин и мајка на нацијата, а војната и насилството како стилови на живеење. Тие фрустрацијата на пропадната работничка класа ја претворија во огорченост, која во Аркановата интерпретација го доби мобилизирачкото кредо: Мојот борбен урлик е: Ќе ви ебам матер! Аркан убиваше и пљачкосуваше и со тоа се повеќе кревајќи го својот рејтинг во Србија на Милошевиќ, додека Светлана се претвораше во медиум за пласирање на поедноставените наративи на животот и емоции за мобилизација на новите елити, посебно меѓу младите на кои ова им е стана кул. Тогаш во жаргонот на белградската улица и медиуми се појави формулацијата "цврст дечко" за сите оние кои се подготвени да убиваат и од тоа да живеат, како што тоа го правеше и Аркан. Но треба да се има предвид дека неговата "цврстина," како и на мнозинството такви типови, е втемелена во самата држава на терор, која ги овласти сето тоа да го прават за нејзе. Со тек на време, изградениот метод стана дел од секојдневието во Србија, така што повеќе не беше можно да се види нешто поинакво од доминантно фашистичката идеологија која и по двеилјадитата продолжи да цвета, како на улица така и во образовно-забавната програма на ТВ и во училиште. Војната во Косово и војната за зачувување на територијата во политичката арена само ја зацементираат ваквата состојба, медиумскиот и општествениот амбиент во кој стана чест ако некој успее да ја одигра улогата на Аркан.

Онака како што Светлана Ражнатовиќ е прифатлива за многу медиумски кампањи и жирија на музичко-забавни програми, така и Аркан е присутен во медиумите. Од една страна, како "исклучителен човек" на кого неговата сопруга се уште е горда, од друга како "цврст и способен човек" кој настрада во нелегалниот трансфер на фудбалери на фудбалскиот клуб Обилиќ, каде што беше и претседател. За ова наголемо пишуваа "Вечерни новости", додека некои други медиуми сакаат да ја пласираат приказната за тоа како тој бил голем љубител на ликовна уметност. Сликите ги купува со крвави пари или едноставно ги зема како воен плен. Така кај него завршува и еден ГОЈА, во колекцијата со маргинални уметници, воглавном српски штапски сликари од Првата светска војна.

Многу се ретки текстовите или прилозите за вистинската улога на овој брачен пар, како што и брачниот пар МИЛОШЕВИЌ-МАРКОВИЌ стана дел од едно минато "кое одамна е преработено", а со самото тоа и прифатливо. Оттаму испливува и сликата за Аркан како белградски фраер, додека во реалноста тој е вистински воен ѕвер. Можеби всушност РАЈАН ГОСЛИНГ би бил прав избор за оваа улога.

Саша Илиќ

3 март 2016 - 15:12