Почитувани деца, пеери, бонбончиња, многу сте јаки

Вие што се палите дека сте Ирина Шајк па се сликате со коса преку очи ако шминката не ви е комплетна а филтерите на готовс, престанете да се палите на лајавци шишани на кец, со кеш од кладилница. Па мама не ве родила само да бидете убави на Инстаграм.

Почитувани деца, разни смарачи кои многу ме плукаа кога се обидував да им објаснам дека не сте вие криви што ве викаат мали ѓаволи.

Криви ви се мама и тато, професорите, системот. Ви само пробувате да се вклопите во општеството, пливате без појас, не ви треба вештачко дишење. Кога дишете со полни гради, свои сте, сè што не се мршти како вас не треба да живее.

Секогаш сум на ваша страна и нејќам ни да ги спомнувам зборовите како што се: непочитување на авторитети, генерациско насилство, опседнатост со технологија, незаштитен секс, речник на ниво на златна рипка. Сакам да ви кажам нешто друго.

Ве имам на Инстаграм и Фејсбук бидејќи ми имате праќано риквести. Секогаш ќе се задлабочам во вашата комуникација под постовите. Вака тоа оди: ако е машко, коментарите се: брат, многу сме јаки, најјаки сме. Ако е девојка. ќе пишува: злато, срце, моја, родена...

Човек би си рекол - толку се сакате што смислени зборови не се ни потребни, вие сте како едно големо семејство од реклама за кока кола, пуканки или прекрасна супа од ќесичка.

А потоа отрезнување. Нешто малку ќе зачкрипи и веднаш летаат навреди, закани, она идилично семејство од пред малку се претвора во чудовиште со шест глави, а мозок никаде.

Чуму тоа, родени? Како тоа се сакате и гинете едни за други а во следниот момент сте подготвени за масакр со моторна пила? Нешто сте ги помешале емоциите. Тоа што секој од вас е крал/кралица на драмата, не значи дека сакате посилно и повеќе. Само глумите дека на сите сте им кул, што во театарскиот жаргон се вика шмирање. Така и би ви дала име - генерација на шмирачи. 

Нема вистина, неповерливи сте, површно изгирувате одредени емоции и состојби. Нема тука длабочина, а онолку смеење и солзи! Не е тоа добро. Така подоцна ќе влегувате и во доживотни пријателства, кумства, врски и бракови.

Ќе ви дадам еден пример. Биле две групи на клинци во базен, се зезале со водени пушки. Едната група си играле, а оној момент кога ќе забелеле дека некој од другите се наголтал вода, престанувале. Сакале на сите да им е забавно. Другата група играла така што главна цел им било да се удави оној другиот и после сите да се смееме. Во еден момент, некој од вторава група им дошол на првите и им предложил да зезнат некој нивен од зад грб и да го потопат. Клинците од првата група се збуниле и сериозно го прашале: „Зошто би го направиле тоа? Па другарче ни е“.

Толку е глупата приказна, ама, ваљда ја контате разликата. Која игра ви е позабавна? Мислам дека го знам одговорот и реално тоа е ваша работа, ама е многу глупо да растете во луѓе кои ги забавува каков и да е облик на малтретирање, чии пријателства се цврсти како сладолед на летна горештина и кои го шмираат животот.

Оние кои не се наоѓаат во приказнава, молам да ми простат.

Одвратни сте кога напаѓате послаби од себе, посебно ако е еден, и тоа веќе сјебан, а вие во групи, како хиени.

Вие што се палите дека сте Ирина Шајк па се сликате со коса преку очи ако шминката не ви е комплетна а филтерите на готовс, престанете да се палите на лајавци шишани на кец, со кеш од кладилница. Па мама не ве родила само да бидете убави на Инстаграм, вашата приказна мора да биде подолга од виртуелната. И не праќајте слики по долен веш на секоја будала, сум видела како тоа завршувало и не е баѓш убаво кога пола град ќе ве види голи на 15 години. Кога нешто еднаш е на интернет, секогаш е на интернет.

Почитувана шмирачка генерацијо, сигурна сум дека ладно ве здоболе за сево ова. Баш како и за сè друго. Но пробајте самите себе да си наведете барем една работа која ви е битна, а тоа да не е она „брат“ од почетокот на приказната. Тешко? Да, знам дека е тешко но имате време, додека и сами не станете мама, тато, систем.

Ивана Стојанов

20 април 2017 - 08:44