Дежуловиќ: Јасно е за што служат коментарите на порталите

Таканаречените „коментари“ одамна станаа јавни клозети, инквизициски подруми и средновековни плоштади со клади, ако воопшто некогаш биле нешто повеќе. Зошто таа, како се вика, „интеракција“, односно бројот на коментарите и на фамозните поврзани кликови, воопшто би биле релевантен показател за што било и кому било?

Во меметичката наука појавата е одамна позната и се вика Годвинов закон. Уште интернетот беше интерна универзитетска заебанција кога Мајк Годвин, млад докторанд по право на Универзитетот во Тексас, забележа некои необични модели на однесување на ББС-форумите или њузгруп-дискусиите на Јузнет.

Термините како „ББС-форуми“, „њуз-групи“, „Јузнет“ или „дискусија“ на младите денес, се разбира, не им значат ништо, но некогаш одамна луѓето мислеа дека еден ден интернетот баш за тоа и ќе служи - значи за ширење идеи и за дискусии за нив.

Зборувам во идно време зашто романтичната замисла за еден жив, академски интернет се распадна во самиот зачеток: веќе во таа 1990 година - добра година пред Бернерс-Лиевиот WorldWideWeb воопшто да стане јавно добро! - Мајк Годвин, следејќи ги првите академски онлајн-дискусии забележал една појава што историјата и меметиката ќе ја запишат како споменатиот Годвинов закон: колку што е подолга онлајн-дискусијата, толку е поизвесно дека некој во неа ќе ги спомне Адолф Хитлер и нацистите.

Годвиновиот закон не познаваше исклучоци. Без оглед за што се дискутираше во њуз-групите, сеедно дали за безбол, литература, џез или, кога веќе сме кај меметиката, за Докинсовата теорија на културна еволуција, порано или подоцна - а што подоцна, тоа порано - некој некого ќе го споредеше со Хитлер, а неговите аргументи ќе ги дисквалификуваше како нацистички, по што дискусијата, се разбира, се претвораше во кафанска тепачка.

Примитивната логичка алатка „reductio ad Hitlerum“ директно изведена од „reductio ad absurdum“, познатиот филозоф Лео Штраус, навистина, ја препозна цели четириесет години претходно, додека дискусиите се водеа во научните списанија, филозофските кружоци и доцновечерните панели на третите програми на радијата, а Хитлер уште беше жива, неизлечена рана на западната цивилизација и нејзина референтна нулта етичка точка. Дури со појавата на интернетот и со демократизацијата на дискусијата - кога Хитлер и нацизмот беа воспоставени како Докинсови меми - „reductio ad Hitlerum“ во полемиките беше воведена како задолжителна точка на дневен ред.

„Глобалната поврзаност“ како топол, влажен хумус за нацистите

Она во што потоа се претворија онлајн-дискусиите - ако тоа воопшто може да се нарече дискусија - се случи многу порано отколку што можевте да претпоставите. Кога во 1994 година во еден меметички експеримент Мајк Годвин од чиста заебанција во онлајн-полемиките посеа една своја сопствена теорија, во реално време можеше да следи како таа заживува и произведува сопствени короларни гранки. Во една од нив, еден од пионерите на интернетската теоретика, Жерар ван дер Леун, изведе такво нешто што би можело да се нарече „deductio ad Hitlerum“, а во теоријата на Годвиновиот закон остана запишано како „Ван дер Леунов заклучок“: колку што расте глобалната поврзаност, толку е поизвесно дека во онлајн-дискусијата на крај навистина ќе се појават нацистите.

Ван дер Леун беше ужасно во право. Се присетувам, годината беше 1994: „глобалната поврзаност“ како топол, влажен хумус за нацистите Ван дер Леун ја препозна веќе во палеолитот на интернетот, пред Јаху, Гугл и блогот, во времето кога сè уште - знам, тешко е да се поверува - поголем дел од поштата одеше со жолтите поштенски камиони отколку по имејл, концептот на обичниот веб-форум беше кул-новина, Фејсбук на деведесеттите, а јавниот интернет во Хрватска, на пример, беше само фантастична иднина.

Денес, дваесет и некоја година подоцна, и Годвиновиот закон, а камоли Ван дер Леуновиот амандман, веќе изгледаат болно наивно и застарено. „Глобалната поврзаност“ во меѓувреме ја достигна апсолутната вредност и веќе не претставува феномен, туку нормална животна средина: имејлот, форумите и четовите ѝ припаѓаат на интернетската археологија, дискусијата, или она што поради недостиг од подобар збор сè уште го нарекуваме така, се пресели на глобалните социјални мрежи како што се Фејсбук или Твитер - дури и кога е организирана како коментирање на новински текст, под статија на новински сајт или њуз-портал, во неа се учествува од платформата на Фејсбук - а нацистите не само што веќе не треба да ги чекаш како Ван дер Леунова изведенка од Годвиновиот закон, туку таму веќе нема скоро никој освен нив.

Blut und Boden-теорија и практика

За сето ова размислувам додека на веб-страницата на риечки Нови лист ги читам коментарите под текстот на Сања Модриќ „Ваквите комеморации мора да престанат“, во кој авторката по повод одбележувањето на годишнината од падот на Вуковар критички ја проучува трајната „атмосфера на погреби“ и предлага наместо „официјалното годишно тажење“ во овој град да се слават мирот и животот. Ставот секако е погоден за аргументирана дискусија, па во некој друг универзум, или барем време - она Годвиновото, да кажеме - би можел да кажам дека по долго време во „коментарите на читателите“ не сум ги ѕирнал за да се уверам во веќе познатото, туку за да го откријам сè уште непознатото.

Како, значи, изгледаат „коментарите“ или дискусијата на тезата на Сања Модриќ? „За годишнината од смртта на мајка ти - журка и огномет!“, „Ако денес се поубијат сите заслужни злочинци, од утре го славиме животот.“ „Ги знае светот вашите србо-четничко лаги“. „Вакви бљувотини од статии треба да престанат и со закон да се казнуваат“. „Кој дозволил ова да се објави, одма на суд!“, „Јас се согласувам со 'новинарката', но дури кога ќе организира веселба во Јасеновац.“ „Од каде ѝ на оваа расипана калаштура, гласник на орјунаштвото и очигледна заговорничка на заборавот на српската агресија право да да ги споменува имињата и жртвите на Вуковар? Дали оваа бештија би напишала нешто слично за Јасеновац или Аушвиц?“ И така натаму, сè на сè повеќе од стотина коментари, од кои повеќе од деведесет отсто беа само навреди, шлаканици и лигави пцовки, како и неколку прилично недвосмислени и во меѓувреме избришани смртни закани.

„Дискусијата“ за статијата на Сања Модриќ ја одбрав на тепка, а не е дури ни блиску до најлошото: тоа можеше да биде кој било текст на кој било хрватски автор што не се вклопува во натапканата и стандардно патриотска патека, или едноставно кој било текст на кој било автор за што било, и исто вака под него ќе се подмачкуваше јажето за јавен линч на внатрешните непријатели. Таканаречените „коментари“ на хрватскиот интернет одамна станаа јавни клозети, инквизициски подруми и средновековни плоштади со клади, ако воопшто некогаш биле нешто повеќе.

Колку, ете, наивно од тука изгледа Ван дер Леуновата популарно-научна претпоставка за можноста за појава на нацистите! Ако се согласиме, се разбира, дека тој не ни мислел на Хитлеровите националсоцијалисти - во тие деведесетти само премалени старци без особени онлајн-амбиции - туку на милитантните современи наследници на Blut-und-boden теоријата и практиката, во Хрватска тие се појавуваат веќе во почетокот на „дискусијата“, обесхрабрувајќи ја секоја смисловна дискусија, која потоа и не е ништо повеќе од записник од седница на некој мобилен преки суд.

Србин, гулаг, Јасеновац

Ако тука, всушност, барем малку вреди онаа Годвиновата „должина на дискусијата“, која емпириски докажано ја зголемува веројатноста дека ќе биде вплеткан Хитлер, тогаш вреди само како гаранција по извесната негова афирмација. Многу одамна, всушност, беше кога Фирерот и неговите чираци во Хрватска последен пат беа нулта етичка точка од која се мери Злото.

Хрватската верзија на Годвиновиот закон подеднакво не познава исклучоци. Без оглед кој, чиј и каков текст се коментира, сосема сеедно е дали станува збор за фудбал, градинарство, концерт на Џастин Бибер во загрепска Арена или за Докинсовата теорија на културна еволуција, дискусијата од почеток се води само и исклучиво за тоа дали авторот на статијата е србин, ги пишува ли србите со голема буква, дали Јасеновац бил воен логор од отворен тип или комунистички гулаг, дали на Блајберг се убиени редовни припадници на хрватската армија или невини цивили, дали Анте Павелиќ имал избор и дали Хитлер бил баш толкав демон каков што го претставуваат левичарските пискарала. Во времето кога сè уште го следев тој феномен, официјалниот државен рекорд беа србочетнички штетници во друг коментар на текст за пролетна превенција на болвите и крлежите кај домашните миленици.

Знаејќи дека тоа е така од самиот почеток, сосема е нејасно за што всушност служи опцијата за коментирање статии на порталите. Или нацистите во оваа земја имаат најмногу пари, или големите рекламери се комплетни дебили: нема трето објаснување зошто таа, како се вика, „интеракција“, односно бројот на коментарите и на фамозните поврзани кликови, воопшто би биле релевантен показател за што било и кому било: дури и кога би биле стотици коментари, па дури и секој од нив да го поставил друг човек, тоа пак се само стотина луѓе, за колку што ни на трговецот со тефлонски тави не му се исплаќа да прави презентација, а камоли на автомобилската индустрија да инвестира во рекламирање.

Сепак, тешко дека јас во економија и маркетинг се разбирам подобро од производителот на автомобили и дилерот на тефлонски тави. Се разбира дека постои и трето објаснување.

Бросаровиот коментар

„Дискусиите“ за статии на њуз-порталите, имено, имаат и еден друг и многу научно докажан ефект. Пред три години редакцијата на онлајн-изданието на угледното популарно-научно списание Попјулар саенс се одлучи на пионерски чекор и на целосно укинување на опцијата за коментирање на нивните текстови. Не беше тоа одлука донесена во афект, туку - како што и му доликува на едно научно списание - втемелена на истражувања, како она што го спроведе Доминик Бросар, професорка на Универзитетот во Висконсин, која поставувала експериментални навредливи коментари под статиите, за да види како тоа ќе влијае врз дискусијата. Под еден текст за нанотехнологијата, на пример, Бросар ќе поставела коментар „ако не ги гледате придобивките од нанотехнологијата, тогаш стварно сте идиоти“, по што дискусијата ќе се претворела во галама, и учесниците комплетно ќе се поделеле, по правило многу понетолерантни отколку што биле пред „коментарот“ на Бросар. Кој така ќе се испоставел не само како клучен канализатор на читателското восприемање на написот, туку на крај и како поефикасен модератор на јавното мислење од самата статија.

А станува збор, потсетувам, за научно списание, за статија за нанотехнологијата и за заинтересирана читателска заедница.

Се разбира, не треба да бидеш професор на Универзитетот во Висконсин за да ги уочиш тие феномени и на хрватската онлајн-територија: освен „тогаш стварно сте идиоти/срби/југословени/цигани/четници“, тешко дека таму воопшто има нешто друго. Значи ако ја допуштиме можноста, ако веќе не и сознанието, дека таквите коментари го менуваат восприемањето на статијата и го обликуваат јавното мислење, прашањето не е дали од секој поединечен коментар е позлокобна последицата на инсистирањето на таква „дискусија“, туку дали се позлокобни нејзините причини и мотиви. Дури и кога се економски, или - поточно - баш кога се економски. Направете, да речеме, самите мало истражување меѓу пријателите и познаниците, и од бројот на луѓето што ги читаат коментарите под статиите повеќе ќе ве изненади само бројот на луѓето што ги читаат само тие коментари.

Така, ќе откриете дека јас не се разбирам во медиумската економија ни барем онолку колку што хемиската или автомобилската индустрија се разбираат во Ван дер Леуновата теорија на интернетски нацизам.

Па ако е така, нема да биде некоја голема штета ако продолжите без мене.

Борис Дежуловиќ

23 ноември 2016 - 11:46